Се подготвува револуција во фудбалот: Изведувањето на пеналите за време на играта ќе доживее неверојатна промена

Точка

22/09/2025

17:45

843

Големина на фонт

а а а

Во светот на фудбалот се подготвува нова револуција кога станува збор за изведувањето на пеналите за време на играта, која, без никаков сомнеж, ќе ја револуционизира најважната споредна работа на светот.

Имено, поранешниот шпански судија Едуардо Итуралде Гонзалез, кој судеше во шпанската Ла Лига од 1995 до 2012 година, во емисијата „Carrusel Deportivo“ најави промена на правилата која би требало да се случи следната година.

„Се подготвува револуција кога станува збор за пеналите. Откако голманот ќе одбрани удар, тоа е тоа. Нема повеќе да има можност некој да притрча и повторно да шутира. Играта веднаш ќе се прекине и ќе продолжи со изведување на гол-аут“, изјави Итуралде.


Причината за ова е тоа што напаѓачката екипа, со можноста да постигне гол од одбиена топка, добива неправедна втора шанса, особено затоа што голманот е ограничен со правилото дека барем со едното стапало мора да остане на гол-линијата.

Исто така, со воведувањето на новото правило би се елиминирале и честите контроверзии околу прераното влегување на играчите во казнениот простор за време на изведувањето на пеналите.

Новото правило, доколку биде одобрено од Меѓународниот одбор на ФИФА (IFAB), би можело да стапи на сила веќе за Светското првенство во 2026 година.