Ханси Флик пред натпреварот со Хетафе нагласи дека мора да се покаже почит кон колегите и професионалните фудбалери со присуство на гала вечерта која денеска ќе се одржи во Париз, а бидејќи многумина оваа негова изјава ја протолкуваа како прозива за Реал Мадрид, Германецот мораше да се објаснува по победата од 3:0.
Барса рутински ја заврши работата против незгодниот ривал и запиша уште една комотна победа на „Јохан Кројф“, по што германскиот стручњак посочи дека неговите зборови за церемонијата за „Златната топка“ не биле наменети за „кралскиот клуб“.
Реал Мадрид втора година по ред ќе го бојкотира случувањето и нема да се појави ниту еден член од овој клуб во театарот Шателе вечерва, но Ханси не се осврна на тоа и даде толкување од своја гледна точка.
– Ве молам немојте да ги извртувате работите. Моите зборови не беа наменети кон Реал Мадрид, или било кој друг. Секои три дена имаме напревар и тоа е доволно добра причина за да останам дома, но сепак јас ќе се појавам на гала вечерта.
– Има играчи од Барселона кои се номиниран и кои можат да ја освојат наградата. Исто така, и јас имам номинација меѓу тренерите. Треба да се покаже почит и ќе се појавам на настанот. Не ми се допаѓа прашањето и не сакам да го коментирам ставот на Реал, јас се концентрирам само на тоа што се случува во Барселона, – изјави Флик.
Главни фаворити за „Златната топка“ се Усман Дембеле и Ламин Јамал, а вечерва ќе дознаеме одговор на прашањето кој ќе се стекне со признанието најдобар светски фудбалер за 2025-та година.