Џон Скарлет Филипс (40) како новороденче бил пронајден во тоалет на паркинг на еден базен во Милтон Кинс, околу 80 километри северно од Лондон во септември 1984 година.
Бил замотан во ќебе, ставен во пластична ќеса...
Три тинејџерки тогаш ја нашле ќесата од продавница со бебе внатре и веднаш повикале помош и итна служба.
„Ме пронајдоа три девојки“, раскажал Скарлет Филипс во емисијата „Long Lost Family“ каде се сретнал со своите полубраќа и полусестри.
„Благодарен сум, многу благодарен што ме слушнале и ме нашле. Тие се тие кои ми го спасија животот“.
Тешка одлука да ја побара мајка си
Подоцна бил посвоен, а во емисијата која ги спојува одамна раздвоените членови на семејството се пријавил за да ја најде својата биолошка мајка. Сепак, признал дека одлуката за тоа била тешка:
„Долго не сакав да ја барам. Тоа е тешко, тешко е да живеете со тоа“, рекол тој, па додал: „Прашањето и натаму постои: Зошто го направила тоа?“.
Како готвач којшто сега живее со сопругата Беки и нивниот 17-годишен син, Скарлет Филис рекол дека иако имал добро детство, секогаш знаел дека е напуштено бебе, што му предизвикувало бес и внатрешни борби.
Емотивна средба со полусестрите
Иако не успеал да се сретне со мајката, емотивно ги запознал своите полусестри, кои му откриле дека нивната мајка која имала 20 години кога го родила, боледува од долготрајна болест и дека физички и психички не се чувствувала способна да дојде.
„Здраво, баш ми е мило што ве запознавам“, рекол додека ги прегрнувал своите полусестри чии лица биле замаглени за да се заштити приватноста на нивната мајка. Потоа говорел за писмото кое му го испратиле, опишувајќи го како прекрасно.
„Отсекогаш сакав брат“, рекла една од полусестрите во емисијата.
„Епа, сега го имате и не одам никаде“ одговорил Скарлет Филипс.