[ВИДЕО] Метју Меконахи открил зошто одбил да сними филм за 14,5 милиони долари: „Не го правам тоа“

Точка

20/09/2025

17:24

575

Големина на фонт

а а а

Американскиот актер Метју Меконахи откри дека во една прилика одбил понуда од дури 14,5 милиони долари затоа што повеќе не сакал да глуми во романтични комедии.

Тој во текот на гостувањето во поткастот „The Diary of a CEO“ објаснил зошто се одлучил на овој чекор.

„Добивав квантитет, но не и квалитет. Она што сакам да го работам се драми, но Холивуд не сакаше да ми ги понуди, без разлика на тоа на колку низок хонорар ќе се согласам“, изјавил Меконахи.

Пред да се насочи кон драмите, тој глумеше во романтични комедии како „How to Lose a Guy in 10 Days“, „Failure to Launch“, „Fool’s Gold“ и „Ghosts of Girlfriends Past“.

„Ако не можам да го работам тоа што го сакам, ќе престанам да го работам она што досега го работев. Одлучив да се повлечам на мојот имот во Тексас. Му реков на мојот агент: 'Нема повеќе романтични комедии'“, изјавил актерот.

Тој направил двегодишна пауза од актерството, а понудите станувале сè поретки – сè додека не му било понудено 8 милиони долари за комедија.


„Ја прочитав. Реков: 'Не, благодарам. Не го правам тоа’. Се вратија со понуда од 10 милиони долари. ‘Нема да ја прочитам повторно. Не, благодарам'. Се вратија со 12 милиони. 'Кажете им дека реков: Не, благодарам'. Потоа дојдоа со понуда од 14,5 милиони долари. Реков: 'Дајте ми да ја прочитам повторно'“, раскажа тој.

Понатаму објаснил дека тоа биле истите зборови кои биле во понудата од 8 милиони долари – само подобро напишани.

„Беше посмешно. Можев да се видам себеси во тоа. Можев да го остварам. Но, во секој случај, на крајот реков: ‘Не’“, додал Меконахи.

Тој смета дека оваа одлука му се исплатела, бидејќи откако се вратил во Холивуд, неговите соработници почнале да го сфаќаат посериозно.