„Подобро да не ми се случува ништо убаво бидејќи подоцна сигурно доаѓа лошо“: Што е черофобија?

Точка

18/09/2025

10:42

274

Големина на фонт

а а а

Черофобија е состојба во која личноста има ирационален отпор кон среќата. Самиот назив доаѓа од грчкиот збор chero, што значи „да се радува“. Лицето што страда од черофобија често чувствува страв да учествува во активности кои обично се доживуваат како забавни или предизвикуваат чувство на среќа.

Черофобија – што знае науката за оваа состојба и кои се симптомите?

Оваа состојба сè уште не е доволно истражена ниту јасно дефинирана. Психијатрите при дијагностика најчесто се потпираат на критериумите од најновото издание на Дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални нарушувања (DSM-5), но черофобијата засега не е вклучена како посебно нарушување.

Сепак, поединечни експерти за ментално здравје дискутираат за оваа фобија и можните начини на третман. Некои ја класифицираат черофобијата како вид на анксиозно нарушување. Во случајот на черофобија, стравот е поврзан со учество во активности кои би требало да предизвикаат среќа.

Важно е да се напомене дека лицето со черофобија не е нужно тажно, туку едноставно избегнува ситуации кои би можеле да предизвикаат радост. Симптомите може да бидат:

• чувство на анксиозност при самата помисла на присуство на радосен социјален настан (на пр. прослава, концерт или забава)

• одбивање на прилики што би можеле да донесат позитивни промени во животот, поради страв дека потоа ќе следи нешто лошо

• избегнување на активности кои обично се сметаат за забавни


Како размислува личност со черофобија?

Луѓето кои страдаат од черофобија често имаат мисли како:

• „Ако сум среќен/среќна, ќе ми се случи нешто лошо“

• „Среќата ги расипува луѓето“

• „Искажувањето среќа не е добро ни за мене, ни за моите блиски“

• „Обидот да бидам среќен/среќна е губење време и енергија“

Што е „Скала на страв од среќа“?

Во едно истражување објавено во „Journal of Cross-Cultural Psychology“ е развиена таканаречената „Скала на страв од среќа“, која се користи за споредување на овој феномен во 14 различни култури.

Некои од тврдењата на скалата се:

• „Не сакам да бидам премногу радосен, бидејќи по радоста обично следи тага“

• „Несреќа често доаѓа по среќен настан“

• „Преголема среќа може да има лоши последици“

Степенот на согласност со ваквите тврдења се мери на скала од 1 до 7, што може да помогне во проценката на присуство на черофобија.

Причини за појава на черофобија

Черофобијата понекогаш произлегува од верувањето дека по нешто многу добро, задолжително следува нешто лошо. Поради тоа, лицето ги избегнува активностите кои носат среќа, верувајќи дека така ќе го спречи негативниот исход.

Често се јавува кај луѓе кои доживеале физичка или емотивна траума во минатото.

Интровертите се посклони кон черофобија, бидејќи повеќе уживаат во активности во помал круг или во самотија. Тие се повлечени, рефлексивни и често се чувствуваат непријатно во бучни, големи групи.

Перфекционистите се уште една група која е склона на черофобија - тие понекогаш веруваат дека среќата е одлика на мрзеливи или непродуктивни луѓе, па активностите што носат задоволство ги сметаат за губење време.


Како се лекува черофобијата?

Бидејќи черофобијата не е доволно истражена и не е формално призната како посебно нарушување, не постојат официјално одобрени лекови или стандардизирани третмани.

Сепак, некои предложени методи за третман вклучуваат:

• когнитивно-бихевиорална терапија (КБТ)

• техники на релаксација, како длабоко дишење

• водење дневник

• физичка активност

• хипнотерапија

• постепено изложување на ситуации кои предизвикуваат среќа, за лицето да сфати дека среќата не мора да има негативни последици

Важно е да се нагласи дека не секоја личност со отпор кон среќата има потреба од третман. Ако черофобијата не го нарушува квалитетот на животот или работната способност, лекувањето можеби и не е неопходно. Но, ако е поврзана со траума од минатото, третирањето на основниот проблем може да помогне во надминување на черофобијата.

Каков е исходот?

Черофобијата често се појавува како облик на самозаштита по конфликт, трагедија или траума. Ако почне сериозно да влијае врз животот, клучно е да се побара стручна помош.

Промената на начинот на размислување бара време, но со упорност и терапија, можно е да се надмине овој страв и да се отвори патот кон искуствата кои носат радост.