Карлос Алкараз веќе докажа дека е достоен наследник на сонародникот Рафаел Надал.
Има 22 години, пет гренд слем трофеи и уште многу турнири пред себе. Иднината ќе покаже дали најмладиот број 1 во историјата на опен ерата ќе успее да сруши некој од големите рекорди на Ѓоковиќ, Надал или Федерер.
Како и повеќето шампиони младиот Шпанец се заљубил во „белиот спорт“ уште во предучилишна возраст. Алкараз имал само четири години кога за прв пат зел рекет во рака, најавувајќи дека ќе стане чудо од дете.
Од друга страна неговиот татко, исто така Карлос, бил тенисер, а потоа тренер и администратор на тенискиот клуб во Мурсија. Дека овој спорт е нивна „наследна страст“ покажува и фактот дека неговиот дедо, уште еден Карлос, кој градел терени во делот од градот каде што живееле, бил исто така поврзан со „белиот спорт“.
Слично како и кај Ѓоковиќ, семејството го сочинува темелот на неговиот „стручен штаб“. Тие се неговите најголемо поддржувачи и тој најмногу им верува, а мајка му, татко му и тројцата браќа – Алваро, Серхио и Хаиме – го придружуваат на речиси сите турнири.
Во една прилика, Карлос откри дека им е благодарен на своите родители што не му дозволиле да се расипа со пари. Меѓу другото, неговиот татко, кој се грижи за финансиите и неговата мајка Вирџинија не му дале зелено светло да купи автомобил кога своевремено го освоил турнир во Барселона и станал нов херој на нацијата.
Пред посериозно да се посвети на кариерата на својот син, Вирџинија Гарфија Ескандон работела како асистентка во продавница за мебел. Сега секако не мора да се занимава со тоа, па може мирно да го придружува синот на турнирите и да навива во живо, од ВИП ложата. Но, тоа „ВИП“ во случајот со семејството Алкараз може да биде излишен – тие се познати по скромноста, дури и најпопуларниот член, иако досега собрал 48 милиони долари.
До неодамна се шпекулираше дека Карлитос сè уште живее со родителите во семејната куќа во родниот град. Кога пред неколку месеци ја „отвори душата“ за „Фајненшл тајмс“, Алкараз откри и неколку интересни детали за животот надвор од теренот.
Тогаш, призна дека е опседнат со патики, што довело до неколку „интервенции“ од страна на г-ѓата Вирџинија.
„Јас сум фанатик за патики, ги обожавам! Но, дома нема повеќе место за нив. Мајка ми постојано ме кара затоа што се враќам од секој турнир со неколку нови пара и ми вели да не ги носам повеќе“, рече Алкараз, но патиките не се единствената „слатка мака“ со која се соочува, бидејќи во неговиот дом веќе нема место ниту за трофеите, чиј број исто така се зголемува со молскавична брзина.