„Cadillac“ од следната сезона во Формула 1, познат е и тандемот возачи

Точка

27/08/2025

19:29

530

Големина на фонт

а а а

Новиот тим во Формула 1 денес ги претстави Валтери Ботас и Серхио Перез како возачи на тимот за следната сезона.

Одлуката означува враќање во Формула 1 за двајцата возачи, кои оваа година не настапуваа во шампионатот, откако останаа без ангажман на крајот на 2024 година.

Претседателот на „General Motors“, Марк Ројс, изјави дека изборот паднал на двајцата искусни возачи поради нивните победи и бројните подиуми во Формула 1. Тој ја опиша одлуката како „навистина добра победничка комбинација“.


Ботас, кој во четврток ќе наполни 36 години, има остварено десет победи во Ф1 возејќи за „Mercedes“, каде што од 2017 до 2021 година беше тимски колега на Луис Хамилтон, и во тој период освои 20 пол-позиции. Последен пат настапи за „Zauber“ во 2024 година, додека оваа сезона ја извршува улогата на резервен возач во „Mercedes“.

Перез, кој има 35 години, забележа шест триумфи — пет за „Red Bull“ од 2021 до 2024 година и еден за „Racing Point“ (денес „Aston Martin“) во 2020 година. Мексиканецот остана без место во „Red Bull“ на крајот од минатата сезона, иако имаше важечки договор уште две години, бидејќи тимот процени дека повеќе не може да му ја обезбеди потребната поддршка на Макс Верстапен.


Извршниот директор на „TWG Global“ и на Ф1 проектот на „Cadillac“, Дан Таурис, откри дека тимот размислувал и за потпишување на млади возачи, но искуството на Ботас и Перез било пресудно.

„Нивното искуство, лидерските способности и техничкото знаење се токму она што ни е потребно. Почестени сме со нивната доверба во нас и во овој проект", изјави Таурис.


Ботас нагласи дека го привлекла амбицијата на тимот:

„Ова не е само тркачки проект, туку долгорочна визија. Ретко се укажува можност да учествувате во создавање на нешто од самиот почеток и да помогнете тоа да се развие во тим што навистина му припаѓа на светот на Ф1. Веќе гледам професионализам и глад за успех кој потсетува на најдобрите екипи во светот", изјави Ботас.


Перез додаде дека уште од првиот разговор бил импресиониран од страста на тимот:

„Да му помогнете на ваков голем бренд да влезе во Формула 1 е огромна одговорност и целосно сум подготвен да ја преземам.“