Црвена Звезда прими неверојатен гол во 89-та минута на гостувањето на Кипар и остана без пласман во Лигата на шампионите, или поточно, Пафос направи огромно изненадување и за првпат во историјата ќе биде дел од главната фаза на најелитното европско натпреварување.
По сензационалната победа во Белград, Пафос изминатава вечер израмни со несекојдневниот гол на Жажа во самата завршница, по што следеше голема мешаницата на теренот во судиското продолжение.
Ова беше кулминација на цела тензија која владееше на натпреварот на Кипар, па откако Звезда беше елиминирана во едни доста непријателски услови за игра, тренерот Владан Милојевиќ не пропушти да испрати „отровна стрела“ до домаќините.
– Цел натпревар беше како да гледаме тепачка. Имаме двајца претепани играчи од ударите кои ги добиваа. Видовте што се случува, на крајот не сакаа да ја вратат топката за да се игра. Ова беше на ниво на селска лига, а не на Лига на шампиони.
– Не сакам да барам алиби, но навистина беше така. Сега одиме во Лига Европа и ќе се бориме со сите сили во тоа натпреварување. Не сметам дека ова е катастрофа за нас, имавме проблеми и игравме со повредени фудбалери. Раде Круниќ прими три инјекции за да се најде на теренот. Пафос се пласираше во Лигата на шампиони, но ако игра фудбал во Европа со вакво однесување, тогаш нека им служи на чест, – изјави Милојевиќ.