Познатиот американски рапер Монтеро Хил, попознат на јавноста како „Lil Nas X“, се изјасни за невин по четири кривични обвиненија, откако минатиот четврток беше уапсен во Лос Анџелес. Инцидентот се случил рано наутро на булеварот Вентура, каде што бил забележан како лута по улицата речиси гол – само во долна облека и бели каубојски чизми. Потоа се појави и снимка на која раперот е целосно гол.
Според наводите во судските документи, Хил се товари за три точки за напад врз полициски службеник и една точка за спротивставување при апсење. Тој го поминал викендот во притвор, а во понеделник се појавил на сослушување пред судија, кој му одреди кауција од 75.000 долари. Првичната препорака на обвинителството била дури 300.000.
Видео кое ја вознемири јавноста
Инцидентот дополнително се разгори откако на интернет се појавија снимки на кои се гледа како раперот шета по улица во текот на ноќта, во целосно растроена состојба. Подоцна излегоа и кадри на кои тој, речиси целосно гол, рапува дел од на Ники Минаж од песната „Monster“.
Полицијата реагирала по повеќе дојави од граѓани кои пријавиле непознат маж што се однесувал дезориентирано и потенцијално под дејство на психоактивни супстанци. Кога полицајците му пришле, дошло до физичка пресметка, по што тој бил уапсен и пренесен во болница поради сомнеж за предозирање.
По викендот поминат во притвор и во болница, Хил се изјасни за невин. Неговиот правен тим тврди дека станува збор за изолиран инцидент и дека раперот претходно немал проблеми со законот. Следното рочиште е закажано за 15 септември, а доколку биде прогласен за виновен, му се заканува казна до пет години затвор.
Окружниот обвинител на Лос Анџелес изјави дека „нападот врз полициски службеници претставува сериозна закана за јавната безбедност, без разлика колку некој е познат“.