Ровињ, едно од најпосетуваните туристички места во Истра, повторно се најде во центарот на вниманието поради високите цени во угостителските објекти. На социјалната мрежа „Reddit“ се појави сметка од еден ресторан која предизвика бурни реакции.
Авторот на објавата нагласил дека оброкот „не бил ништо посебно“ и направил споредба со Виена, посочувајќи дека ни во срцето на австриската престолнина, кај катедралата „Стефансдом“, не се плаќаат вакви суми за пијалак.
„Здраво, луѓе! Сестра ми замина на одмор во Ровињ и ми ги испрати цените од еден ресторан. 6 евра за шише кола. Јадењето не било ништо особено. Тоа не се плаќа ни во Виена покрај „Стефансдом“. Порано во Ровињ можеше бесплатно да се паркира и пеш да се оди на плажа. Сега, изгледа, секаде мора да се плаќа од 1 до 6 евра по час“, напишал авторот.
На крајот, тој се запрашал: „Дали ова е нормално?“.
На сметката што ја сподели се гледа дека едно мало шише „Coca-Cola“ од половина литар чинело 5,5 евра, додека леден чај – 5 евра. Помала пица со шунка или кулен чинела 7,5 евра, а за голема пица гостите морале да издвојат дури 15 евра. Порција ќебапи изнесувала 16 евра, а лазањи со пилешко и зеленчук – 14 евра.
Вкупниот износ на сметката бил 80 евра, што за многу посетители претставува шокантна сума.
Објавата отвори жестока расправа за тоа дали ваквите цени се оправдани и дали Истра, и покрај својата популарност, ризикува да одврати дел од гостите кои не се подготвени за просечен оброк да платат онолку колку што чини и во најскапите европски метрополи.
„И затоа секогаш бараш ценовник пред да нарачаш. Јас овие цени не би ги платил ни да ми е последниот оброк пред стрелање“, бил само еден од коментарите.