Жештините кои изминативе денови ја пржеа Европа, но и Њујорк, не создадоа проблеми само со клима-уредите, туку и со модните додатоци. Торбичките, симбол на стил и престиж, се најдоа во центарот на една необична вирална приказна.
ТикТокерката Каи Алијах, со корисничко име @kaileeaaliyah, сподели видео кое за рекордно време стана хит: додека шета низ продавница, камерата открива необична сцена – ременот од нејзината торбичка буквално се топи и се лепи за маицата, оставајќи црна трага. На снимката таа напиша: „Во Њујорк е толку жешко што ременот од торбичката ми се топи на маицата“, а потоа откри дека температурата тој ден достигнала 37 Целзиусови степени.
Видеото за само неколку дена собра повеќе од 6,5 милиони прегледи и над еден милион лајкови, а коментарите вриеја од шеги до загриженост. Еден корисник пишува: „Замислете крадец што ќе се обиде да ја украде оваа торба, а вие едноставно го следите“, друг додава: „Balenciaga наскоро ќе направи маица од стопена торба и ќе ја продава за 799 долари“, додека трет духовито заклучува: „Coach торбите се само поскапа верзија на „Temu“ торба.“
Луксузен бренд
Самата фактичка состојба дека станува збор за торбичка од брендот „Coach“ дополнително ја заинтригирала јавноста. Овој американски луксузен бренд, основан уште во 1941 година, е познат по кожната галантерија, а нивните торби во просек чинат од 200 до 600 долари, додека лимитираните колекции достигнуваат и повеќекратно повисоки цени. Токму затоа, призорот на ремен кој се „топи“ делува речиси нереално.
Но, експертите велат дека при екстремни жештини не станува збор за топење на вистинска кожа, туку за синтетички слоеви и завршни обработки кои на високи температури можат да реагираат. Ако на тоа се додаде црната боја што дополнително го привлекува сонцето, резултатот е вирално видео кое насмеа милиони.
Оваа необична глетка можеби нема да го промени статусот на Coach торбите, но покажува колку екстремните жештини станаа дел од секојдневието – до тој степен што дури и престижните модни додатоци не го издржуваат притисокот. А ТикТок, секако, сè претвора во спектакл.