Американка, која веќе четири години живее во Австралија, очекувала дека ќе се соочи со огромни пајаци, но останала запрепастена кога неодамна на небото здогледала глетка што не можела ни да ја замисли.
Иако е навикната на изненадувања во својата нова татковина, јатата џиновски лилјаци ја изненадиле и неа.
Кендал Вилер (27), по потекло од Тексас, редовно споделува видеа на ТикТок од својот живот во Австралија. Иако многумина ја поврзуваат Австралија со сонце, плажи и пајаци, Вилер откри и некои неочекувани жители.
„Набрзо по преселбата сфатив дека во Австралија има лилјаци“, рекла Вилер, која моментално престојува во Квинсленд. „Меѓутоа, до оваа снимка никогаш не сум ги видела во толкав број!“, истакнала таа.
Глетка како од хорор-филм
Вилер објавила видео кое брзо станало вирално, со повеќе од 218.000 прегледи. Во описот напишала: „Не очекував дека ќе го видам ова кога се преселив во Австралија …“.
Снимката ја прикажува Вилер на балконот од станот, а потоа камерата се врти кон небото во самрак, кое е исполнето со стотици, ако не и илјадници, огромни лилјаци. Глетката на небото прекриено со огромни летечки суштества потсетувала на сцена од хорор-филм.
Вилер, цитирајќи познато вирално видео, во камерата рекла: „Ова се е*ени лилјаци. Ја обожавам Ноќта на вештерките“. Во описот додала: „Мора да ги има милијарда, нели?“
Бројни реакции на ТикТок
Објавата предизвика лавина реакции со повеќе од 17.500 лајкови и стотици коментари. „Тоа најверојатно се ’летечки лисици‘, вид мегалилјаци или овошни лилјаци. Прилично се симпатични“, напишал еден корисник.
„Ова искрено ми го одзеде здивот“, коментирал друг, додека трет признал: „Ако некогаш се преселам во Австралија, ништо не би ме изненадило“. Еден од коментарите гласел: „Кажи ми дека си во Квинсленд, без да ми кажеш дека си во Квинсленд“.
Што се летечки лисици?
Според податоците на Друштвото за заштита на дивите животни на Квинсленд, летечките лисици се меѓу најголемите видови лилјаци во светот. Во Квинсленд живеат четири вида: црна, сивоглава, мала црвена и очилеста летечка лисица.
Овие животни се многу гласни, користат звуци за меѓусебна комуникација, имаат добро сетило за мирис и вид, а се и корисни за животната средина бидејќи помагаат во опрашувањето и расејувањето на семињата. Сепак, мал број лилјаци можат да пренесуваат болести на луѓето, па затоа се препорачува да ги допираат само искусни и вакцинирани лица.
„Животот во друга земја е забавно искуство, но носи и свои предизвици, а најголемиот е оддалеченоста од саканите“, заклучила Вилер. „Сепак, се трудам секојдневно да уживам во искуствата, како ова со лилјаците, колку што можам“, истакнала таа.















