[ФОТО/ВИДЕО] Од анонимна тинејџерка до сензација: „Се преправам дека играм на некое друго место“

Точка

08/08/2025

18:49

398

Големина на фонт

а а а

Викторија Мбоко приреди вистинско спортско чудо и слободно може да се каже дека оваа млада тенисерка моментално е спортска приказна број еден.

Само пред неколку недели, нејзиното име беше едвај познато надвор од најтесните тениски кругови, а таа дури немаше ниту фотографија на официјалната ВТА веб-страница. Денес, 18-годишната Викторија Мбоко е името кое го знае речиси секој љубител на тенисот. Со покана од организаторите во џебот, оваа канадска тинејџерка пристигна на „Canadian Open“ во Монтреал како 85-та тенисерка во светот и приреди изненадување за кое ќе се зборува долго време.



Во финалето, по епски пресврт, таа ја победи четирикратната гренд слем победничка, Наоми Осака, со резултат од 2-6, 6-4, 6-1 и го крена својот прв ВТА трофеј, и тоа на турнир од престижната серија 1000. Нејзиниот триумф привлече толку големо внимание и предизвика воодушевеност што машкото финале, кое истовремено се играше на 500 километри оддалеченост, во нејзиниот роден Торното, беше прекинато со овации.


Бајковит поход низ Монтреал

Патот на Викторија Мбоко до титулата беше сè освен лесен. На тој пат, таа мораше да победи четири поранешни гренд слем шампионки, подвиг што ја позиционира на исто ниво со најголемите. Пред Осака, таа ги победи Софија Кенин, актуелната шампионка на Ролан Гарос и втората тенисерка во светот Коко Гоф, како и шампионката на Вимблдон од 2022 година, Елена Рибакина.


Нејзиниот полуфинален натпревар против Рибакина беше незаборавен трилер. Во третиот сет, соочувајќи се со меч-поен од нејзината противничка и повреда на зглобот што бараше медицинска помош, Мбоко покажа ментална сила што ги надминува нејзините години. Таа се врати од бездната и триумфираше во тајбрејк, станувајќи првата Канаѓанка во Опен ерата што победила три гренд слем шампионки на еден турнир.

Со оваа победа, таа стана дури третата тинејџерка во историјата која на патот до титулата успеала да победи четири освојувачки на најголемите трофеи. Последната која го сторила тоа беше легендарната Серена Вилијамс на УС Опен во 1999 година. Кога во статистиката ќе се најдете покрај Серена, знаете дека сте направиле нешто посебно.



„Овие две недели беа навистина луди“, рече Мбоко, пренесе Гардијан.

„Да ми кажевте минатата година дека ќе бидам во финалето тука, ќе ви кажев дека сте луди. Мојот најголем заклучок е дека небото е граница“, додаде Мбоко.

Нејзиниот успех драстично го подобри нејзиниот ранкинг на ВТА листата. Ја започна годината како 333-та тенисерка во светот, а по Монтреал, се искачи на 24-то место.

Ментална сила како тајно оружје

Иако нејзиниот тенис е моќен, а нејзиното движење на теренот беспрекорно, она што најмногу импресионира кај Викторија Мбоко е нејзината ментална цврстина, што е неверојатно за една тинејџерка. За време на нејзиното чудесно искачување до третото коло на Ролан Гарос, таа ја откри својата необична стратегија за справување со притисок. Таа едноставно се преправа дека она што се случува всушност не се случува.

„Се преправам дека играм на некое друго место, дека не сум на Гренд слем“, објасни Мбоко.

„На тој начин не си вршам толку голем притисок. Само се опуштам и се обидувам да ги искористам моите удари“.


Таа ја примени истата филозофија и во Монтреал. Во финалето против Осака, откако лесно го загуби првиот сет, Мбоко не паничела.

„Се најдов во ситуации каде што резултатот беше тесен и малку паничев, но сега навистина сакав да се смирам, да го заборавам последниот поен и секогаш да се фокусирам на следниот“, рече Викторија.

Нејзината тренерка, поранешната трета тенисерка во светот, Натали Таузиат, гледаше од трибините како нејзината штитеничка учи да се справува со стресот во реално време. Сè додека беше смирена, знаеше дека има шанса, пренесе  Би-би-си.


„Мислам дека е важно за неа да види дека не паничиме кога нешто ќе се случи. Се сеќавам на почетокот на годината, таа секогаш ми велеше: „О, толку си смирена за време на натпреварите“, рече Таузиат.

„Целта е УС Опен – којзнае, можеби може да направи нешто добро? Овде одиме натпревар по натпревар и се надеваме дека нема да има повреди“, додаде Таузиат.

Семејството како основа и инспирација

Приказната на Мбоко е длабоко вкоренета во нејзиното семејство. Нејзините родители, Сиприен Мбоко, пензиониран машински инженер, и Годи Китади, сметководителка, емигрирале од Демократска Република Конго кон крајот на 1990-тите за да избегаат од политичките немири и војната. Откако добиле визи, семејството прво се населило во Северна Каролина, каде што Викторија е родена на 26 август 2006 година, пред да се преселат во Торонто.

Викторија е најмладата од четирите деца, а сите играле тенис. Инспирирана од нејзината постара сестра, Грација и братот, Кевин, кои играле на универзитетско ниво, таа зела рекет на тригодишна возраст. Нејзиното семејство е нејзината најголема поддршка. Кога се чувствува нервозно за време на натпреварите, со поглед ги бара нивните лица на трибините.

„Семејството нѝ носи еден вид утеха како никој друг“, изјави таа за Си-ен-ен.

Нејзината сестра Грација се потсети на анегдота што најдобро ја опишува самодовербата на Викторија. Кога Грација имала 17 години, таа играла на локален турнир. Во последен момент, се ослободило место и деветгодишната Викторија, која дошла да ја гледа, заиграла на турнирот. На крајот, сестрите се сретнале, а Грација победила со 6-0, 6-0. Но, начинот на кој се однесувала Викторија покажува дека очекувала поинаков исход.

„Тоа е самодовербата што ја имаат само еден процент од најдобрите“, рече Грација. „Тоа е ставот:

„Не само што треба да победам, туку и ќе го сторам тоа.“ И потоа и прави тоа“, додаде Грација.

Игра што ги спојува сите елементи

Триумфот во Монтреал не беше случајност. Односно во текот на 2025 година, Мбоко покажа дека е сила во подем. Таа ја започна сезоната со 22 последователни победи на ИТФ, пониското ниво на професионален тенис. Нејзиниот вкупен скор на победи и порази за годината изнесува 51-9.

Играта на Мбоко е моќна мешавина од сила, атлетизам и интелигенција. Таа може да ги совлада противничките со силата на нејзините удари и сервис што достигнува 193 км/ч, но исто така може да ја искористи и својата брзина и одбрана за да ги натера на грешки. Нејзината игра има и завидна разновидност, вклучувајќи скратени топки и слајс, белег на нејзината тренерка Таузиат.

Коко Гоф, веројатно најдобрата „тркачка“ во женскиот тенис, беше импресионирана од Мбоко по поразот во Монтреал.

„Таа е многу атлетски градена. Би рекла дека е на исто ниво со мене во однос на движењето“, изјави Гоф, додавајќи дека се чувствувала како да игра против самата себе.

Од друга страна и покрај големиот успех Викторија останува скромна. На прашањето дали се чувствува како една од 35-те најдобри тенисерки во светот, таа одговори:


„Искрено, не би можела да кажам да. Сè се случува толку брзо што немам време да процесуирам“. Таа перспектива сега се префрла на УС Опен, турнир кој беше среќен за Канаѓанките. Бјанка Андреску и Лејла Фернандез таму напишаа свои бајки. Викторија Мбоко не ја исклучува можноста да ги следи нивните стапки. „Секогаш знаев дека сите се многу добри, но чувствував дека на крајот од денот, сè е можно.“ Во Монтреал, таа докажа дека за неа, тоа навистина е така.