Џамал Мусиала се претвори во топ тема во германската спортска јавност на една недела пред стартот на новата сезона во Бундеслигата, а причина за тоа беа двата пада кои ги доживеа на теренот во период од четири дена.
Младата ѕвезда на Баерн остана за момент без свест на подготвителните натпревари против РБ Лајпциг и Хајденхајм и го вклучи алармот во Германија, но набрзо после тоа самиот објасни дека не станува збор за сериозна здравствена состојба и дека се работи за невролошка дисфункција која може да се третира со редовна терапија.
Мусиала доби препораки да остане дел од секојдневните активности и неговата кариера не е доведена во прашање, а во период кога добива огромна поддршка во јавноста, со телефонски повик му се јавил и новиот селектор на Германија, Јирген Клоп.
Како што открива „Билд“, Клоп му се јавил на Мусиала по вториот пад кој го доживеа против Хајденхајм, од една страна за да се информира за неговата состојба, но и за да му испрати максимална доверба дека сите во Федерацијата стојат зад него.
Џамал добива охрабрувачки пораки од медицинските лица и треба без проблеми да се врати на теренот, но младиот фудбалер останал посебно импресиониран од зборовите на Клоп и начинот на кој му зборувал по телефон.
– Ти си централен дел од мојот план за Германија. Сметаме на тебе и ќе ти помогнеме во процесот кој следи, – му порачал Клоп на Мусиала според извори на „Билд“.








