Членовите на хокејскиот клуб „Сиетл Кракен“ и нивната маскота, кои неодамна биле на Алјаска, имале блиска средба со мечки.
На снимката која тимот ја објави на социјалните мрежи се гледа како на нивната маскота „Buoy See Troll“ ѝ се приближува гризли додека членовите на екипата ловеле риба во Националниот парк Катмај.
Видеото прикажува уште едно гризли како влегува во водата додека центарот на тимот, Џон Хејден мирно лови риба.
„Имаме мечка“, рече Хејден пред камерата, додека друг член на екипата додаде: „Морам да те прекинам, хеј Сем, имаме мечка, мора да се поместиме низводно“.
Потоа се гледа како Хајден му го подава рибарскиот стап на член на екипата и сите заедно почнуваат да се повлекуваат низводно. Сепак, другата мечка очигледно имала ист план – влегла во потокот и тргнала по нив.
Во еден момент, мечката ја забележала маскотата, која исто така ловела риба со тимот. Животното заржало, а потоа се стрчало кон маскотата, додека таа почнала да трча побрзо.
За среќа, гризлито се запрело само неколку метри од неа. Снимката од друг агол покажува колку блиску всушност била мечката до тимот, пред да успеат да се оддалечат.
„Се извлековме“, рече Хајден во видеото, но призна дека ситуацијата била прилично „тесна“. Тој исто така додаде дека мечката најверојатно се упатила кон маскотата затоа што „нејзиниот изглед му бил интересен“.
„Тој последен спринт… се загрижив за тебе, Buoy“, ѝ рекол еден член на тимот на маскотата.
Екипата на Сиетл Кракен патувала низ Алјаска како дел од годишната програма за соработка со корпорацијата „Бристол Беј Нејтив“, во рамки на која работеле со деца од хокејска академија во Анкориџ, пренесе „Пипл“.