„Tesla“ ја губи трката со Кинезите

Точка

06/08/2025

08:06

816

Големина на фонт

а а а

Американската компанија за производство на електрични возила „Tesla“ забележа драстичен пад на продажбата во јули во двете најголеми економии на Европската Унија, Велика Британија и Германија. Во исто време, кинескиот производител „BYD“ оствари историски раст на двата пазари.

Во Велика Британија, „Tesla“ продаде само 987 возила, што претставува пад од 59,9 отсто во споредба со јули минатата година, според податоците на британското Здружение на производители и трговци на моторни возила („SMMT“).


Слична е ситуацијата и во Германија, каде продажбата во јули падна за 55,1 отсто на само 1.110 возила. За првите седум месеци од 2025 година, во Германија се продадени 10.000 автомобили на „Tesla“, што е годишен пад од дури 57,8 отсто.


Спротивно на тоа, „BYD“ во Велика Британија во јули продаде 3.184 возила – четири пати повеќе од истиот месец минатата година. Во Германија, овој кинески производител забележа пораст на продажбата од речиси 390 отсто.


Аналитичарите укажуваат дека „Tesla“ ја губи трката во Европа пред сè поради сè пожестоката конкуренција од кинеските електрични возила, но и поради политичките активности на основачот и генерален директор на компанијата, Илон Маск, кој сè почесто влегува во контроверзни јавни расправи, што негативно влијае на имиџот на брендот.


Маск минатиот месец предупреди дека „Tesla“ ја очекуваат „неколку тешки квартали“, повикувајќи се на воведувањето на нови царини за кинеските електрични возила и укинувањето на одредени даночни олеснувања во Соединетите Американски Држави, што би можело дополнително да ја наруши глобалната позиција на компанијата.