[ФОТО] Нуркач пет дена бил заробен во подводна пештера: Јадел сирова риба, а со молбата ги изненадил спасувачите

Точка

03/08/2025

16:02

4.511

Големина на фонт

а а а

Кинески нуркач од покраината Хунан преживеал пет дена заробен во подводна пештера, во инцидент што предизвика шок и неверба низ целата земја.

Инцидентот се случил кон средината на минатиот месец, кога маж по име Ванг, нуркачки ентузијаст во четириесеттите години од местото Фуронг, исчезнал само пет минути откако нурнал во реката со пријател, пишува „South China morning post“.

Влезот во сложениот систем на пештери, кои се наоѓаат во река длабока неколку десетици метри, се наоѓа на околу девет метри под површината.


Полицијата веднаш започнала потрага и побарала помош од спасувачкиот тим Шугуанг од Сјангси, како и од специјалните полициски единици од градот Баис во автономниот регион Гуангси во јужна Кина.

Специјализиран нуркачки тим извршил две мисии во пештерскиот систем, но првите обиди за пронаоѓање на исчезнатиот нуркач не дале резултати.

За време на втората потрага, спасувачите слушнале звук што наликувал на тропање по карпа.


Спасувачите го исклучиле моторот на бродот за да ги подобрат условите за слушање, но звукот не се повторил.

Нуркањето продолжило до длабочина од околу 130 метри, но немало траги од Ванг.

Пресвртот се случил за време на искачувањето, на длабочина од околу 100 метри, кога тимот забележал знаци на присуство на човек.

Кога нивото на кислород во делот од пештерата во кој се наоѓал се намалило на само четири проценти, Ванг скокнал во водата и мавтал со батериска ламба која успеал да ја одржи наполнета.

Токму овој сигнал го овозможил неговото пронаоѓање и успешната операција за спасување, пренесе „South China morning post“.


Ванг преживеал така што се засолнил во шуплив дел од пештерата исполнет со воздух, што му овозможило да дише и покрај големата длабочина.

Откако бил пронајден, првото нешто што ги прашал спасувачите било: „Дали имате цигара?“, пишува кинескиот весник.

Подоцна рекол дека целосно го изгубил чувството за време и преживеал јадејќи сирова риба.

И покрај деновите поминати во подводната пештера, според локалните медиуми, Ванг бил во добра здравствена состојба и сам излегол од чамецот, а потоа влегол во амбулантното возило без потреба од носилка.