ЕУ жестоко ѝ се закани на Америка поради царините на Трамп: „Ако сакаат војна – ќе добијат војна“

Макфакс

21/07/2025

20:08

347

Големина на фонт

а а а

Европската унија подготвува противудар на САД по пропаѓањето на договорот за укинување на царините.

Според информациите до кои дошле европски дипломати, Вашингтон сега бара дополнителни отстапки – вклучувајќи основна царина од најмалку 15 проценти за повеќето европски производи – што предизвикало бес во Брисел и Берлин, пишува „Волстрит журнал“.

ЕУ до неодамна очекуваше компромис со американскиот претседател Доналд Трамп, кој би ја задржал основната царина на 10 проценти – и тоа само по себе беше отстапка за многу од 27-те членки. Но откако американските функционери сигнализираа промена на ставот, Германија – досега поумерена – се приближи кон поцврстиот, конфронтирачки пристап на Франција.

„Ако сакаат војна – ќе добијат војна“

„Сѐ уште има време за преговори“, изјавил еден германски функционер во петокот. „Но ако сакаат војна – ќе добијат војна.“

Членките на ЕУ сега вршат притисок врз Европската комисија да подготви силни контрамерки против американските компании, кои би оделе и подалеку од обични царини, доколку не се постигне договор до 1 август – рок што го постави Трамп.

Трговските односи меѓу ЕУ и САД се најголеми во светот – секој ден се разменува стока и услуги во вредност од повеќе од 5 милијарди долари. Но од Брисел порачуваат дека „сите опции се на маса“.

Европската комисија во неделата официјално порача дека и натаму сака договор што ќе биде „заеднички корисен“, но додаде дека, доколку преговорите пропаднат, ќе ги искористи сите инструменти што ѝ стојат на располагање.

Американскиот министер за трговија, Хауард Латник, сепак изрази оптимизам: „Убеден сум дека ќе постигнеме договор. И тој ќе биде одличен за Америка, затоа што претседателот стои зад американскиот народ“, изјави тој за CBS.

Во изминатите месеци, европскиот комесар за трговија, Марош Шефчович, шест пати патувал во Вашингтон, одржал бројни разговори со американски функционери и понудил намалување на царините и купување американски енергенси и полупроводници во вредност од десетици милијарди долари.

Сепак, на почетокот на јули, Трамп се закани со 30 отсто царини за поголемиот дел од европскиот увоз – значително повеќе од претходно споменуваните 20 проценти.

Германија досега се залагаше за брз договор, но сега го поддржа користењето механизам кој овозможува воведување економски контрамерки против држави што користат економски уцени. Овој механизам досега никогаш не бил користен, но е опишан како најсилното трговско оружје на ЕУ.

„Сѐ уште не сме стигнале до точка каде што би го активирале“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претходно овој месец. Но тоа би можело да се промени – Комисијата веќе почнала да подготвува конкретни мерки што би можеле брзо да се воведат.

Меѓу можните мерки се давачки на американските дигитални услуги, ограничувања за пристап на американски компании до европскиот пазар за јавни набавки, како и дополнителни царини. ЕУ веќе има подготвени два пакета царини во вредност од над 100 милијарди долари, кои опфаќаат производи како авиони, путер од кикирики и виски. Вториот пакет сѐ уште не е формално одобрен, но може брзо да се активира.

Европските функционери и натаму се надеваат на договор. Не планираат да воведат никакви контрамерки пред рокот на Трамп на 1 август. Но јасно порачуваат дека се подготвуваат за „можен судир“ кој би можел да има високи трошоци за двете страни.