Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во Собранието нема да иницираат разрешување на претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска. Одговорот на Мицкоски уследи на прашање дали неговата партија ќе поднесе барање за разрешување со оглед дека со таа собраниска комисија раководи владејачкото мнозинство.
Рече дека има поединци кои од политиката прават естрада и порача дека постои морална одговорност.
- Имам чувство дека има поединци кои се обидуваат политиката кај нас да ја направат естрада. Што дека ВМРО-ДПМНЕ или која било политичка партија ќе поднесе. Ете, видовте, за Судскиот совет поднесовме, ги разрешивме, тие уште седат таму, илјадници евра на грбот на граѓаните добиваат. Да ја оставиме естрадата за естрадните уметници, политиката за политичарите. Пости морален чин на одговорност, ако чувствува некој треба да отстапи, да заврши со таа работа, а за кривична – тука се обвинителствата, судовите, тие нека гонат доколку има кривична одговорност. А ние сега да правиме естрада, во Парламентот, па тоа ништо не значело според Уставот итн., Повеќе немаме намера да се занимаваме со такви работи, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на настан во Тетово.
Како што рече, во животот постојат два начина на одговорност – морална и кривична.
- Еден е морален, кога човек треба самиот да се повлече кога ќе направи грешка додека извршува функција, и вториот е кривична одговорност доколку има сторено кривично дело, додаде Мицкоски.