Стабилизирана ситуацијата со пожарот кај Преспа, продолжува гаснењето во прилепско

Макфакс

21/07/2025

20:09

185

Големина на фонт

а а а

Пожарот што избувна во близина на Преспанското Езеро е ставен под целосна контрола, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Иако на неколку локации сè уште има догорувања во внатрешноста на опожарениот простор, нема опасност од негово проширување.

„Противпожарните екипи се на терен, работат на доизгаснување на остатоците и ќе продолжат со патролирање во текот на ноќта“, изјави Ангелов.

Еден ер трактор на ДЗС успешно интервенирал во неколку налети, полнејќи вода од езерото и гаснејќи го пожарот околу Преспа, додека втор ер трактор денес бил ангажиран во гаснење на пожарот кај Желино и Еребино.

Во Прилепскиот регион, полициски хеликоптер активно дејствуваше околу селата Штавица, Чумово, Волково и Прилепец, каде што претходно беше упатен и еден армиски хеликоптер.

Ангелов уверува дека нема опасност за куќите и објектите и дека на терен има доволно противпожарни сили, вклучително и локално население кое се приклучило во справувањето со огнената стихија.