Охидското езеро, како што знаете, е старо повеќе од еден милион години.
Археолозите тврдат дека на албанската страна од Охридското Езеро откриле докази за најстарата човечка населба на некое европско езеро — наводно стара до осум илјади години.
Тим научници од Швајцарија и Албанија секојдневно минуваат по три часа под вода, макотрпно вадејќи дрвени столбови што некогаш ги поддржувале куќите, пренесува "Reuters".
На теренот се пронаоѓаат и коски од домашни и диви животни, предмети од бакар и керамика со прецизна резба.
Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн изјави дека слични населби се пронајдени во алпските и медитеранските региони, но дека населбата во албанскиот Лин е половина милениум постара — датира од период меѓу шест и осум илјади години пред нашата ера.
Фотографиите можете да ги погледнете ТУКА!
„Органскиот материјал е добро зачуван затоа што е под вода, што ни овозможува да дознаеме што јаделе тие луѓе, што саделе“, вели Хафнер.
Неколку студии потврдуваат дека Охридското Езеро, кое се протега помеѓу Македонија и Албанија, е најстарото езеро во Европа — старо над еден милион години.
Староста на наодите се утврдува преку радиоизотопско датирање и дендрохронологија, односно броење на годишните прстени во дрвјата. Досега се собрани над илјада примероци од дрво.
Се претпоставува дека населбата, во која можеби живееле неколку стотици луѓе, се простирала на површина од околу шест хектари, а досега, по шест години работа, е ископано само околу еден процент од целиот материјал.