Пет години минал во затвор поради претепување на ривал од бајкерска банда – сега е успешен голфер

Точка

17/07/2025

14:29

594

Големина на фонт

а а а

Неделата пред одржувањето на "The Open", еден од најпрестижните светски голф турнири, често носи неверојатни животни приказни – но ретко која е толку шокантна како онаа на Рајан Пик. 32-годишникот од Перт, Австралија, некогаш бил дете-чудо и врсник на шампионот од 2022, Камерон Смит, пишува "Daily Mail".

Својот пат до турнирот во Портраш го обезбеди со фантастична победа на "New Zealand Open, благодарение на физичката доминација и редок талент. Но, во разговорот што го води крај легендарната 18. дупка, темата брзо се префрла од голф на нешто сосема друго.

Пик зборува за „замавот“ – не оној голферскиот, туку оној што во 2014 година го чинеше пет години слобода. Дел од казната ја издржал во озлогласениот затвор Хакеа, познат по своите тешки услови.


Од голф до бајкерска банда

По губење на страста кон спортот, Пик се приклучил на бајкерската банда "The Rebels". Братството со свој сопствен кодекс на чест му станало стил на живот. Судирите со ривалските банди често се решавале со тупаници – сè додека еден судир не отишол предалеку.

„Како се случи тоа?“ – започнува Пик. „Тоа беше животот што го живеев. Не велам дека било исправно што го претепав тој човек, но не беше татко кој си го коси тревникот – беше некој што живееше ист живот како и ние. Нè навредуваше и упатуваше грозни закани.“

„Отидовме да расчистиме. Не требаше да излезе така. Мислевме дека ќе добие неколку удари и ќе заврши. Но, тој беше вооружен. Од таму сè ескалираше.“

Еден од соработниците на Пик замавнал со бејзбол палка. Жртвата завршила со скршеници на черепот и рацете. Пик веднаш се предал на полицијата – искреноста е доблест што вели дека ја цени.


Пет години во пеколот на Хакеа

Затворот оставил трауми. „Страшно беше“, вели тој. „Но имам една изрека: ако не ти се допаѓа сместувањето – немој да го резервираш. А јас сам си го резервирав ова.“

„Премногу луѓе, мал простор. Наместо рехабилитација, системот создава лутина. Излегуваш уште полут, бидејќи некои те третираат како отпад. Не сите, но некои.“


Враќање кон голфот – светлина на крајот од тунелот

По излегувањето, голфот повторно станал негово прибежиште. Морал дури и дозвола да побара од лидерите на "Rebels" за да се врати на турнирите – ја добил. По шест години, кога првпат повторно ја земал палката, ударот бил, како што самиот вели, „катастрофален“. Но, продолжил да тренира.

Сега, со британски пасош добиен преку таткото, пристигнува во Северна Ирска – подготвен за своето најголемо голферско искуство досега.

„Не се обидувам да бидам пример или супер-херој“, вели Пик. „Само живеам најдобро што можам. Што ќе извлечат другите од тоа – нивна работа. Направив огромен напор да бидам овде. Го заслужив ова.“

„Ова можеби ќе биде најголемиот турнир оваа година. Но, не е крајот. По ова, се враќам на турнеите. Голема шанса е – но нема да ме дефинира.“