Издржа две години, па нагло замина: Кој сега ќе ја води платформата "X"?

Точка

10/07/2025

10:16

426

Големина на фонт

а а а

Маск сега ќе мора да пронајде нов извршен директор во момент кога се соочува со низа проблематични ситуации.

Кога пред нешто повеќе од две години, Илон Маск го објави името на личноста што ќе ја води тогашната платформа "Twitter", денешна "X", многумина беа изненадени. Се работеше за искусна личност со силно искуство во маркетингот – токму она што тогаш му требаше на "Twitter". Но, тоа не беа единствените предизвици со кои се соочи.

Две години подоцна, Линда Јакарино објави дека си поднесува оставка од позицијата извршна директорка на платформата "X".

Нејзиното заминување изненади многумина, особено затоа што во својата објава на платформата "X" не наведе никаква причина за напуштањето.

„Кога јас и Илон Маск првпат разговаравме за неговата визија за X, знаев дека тоа ќе биде шанса на животот – да се оствари извонредната мисија на оваа компанија. Бескрајно сум му благодарна што ми ја довери оваа задача“, напиша таа на X. „Ќе ве бодрам додека продолжувате да го менувате светот.“

Многумина ја сметаа Јакарино за спротивност на Маск – традиционален менаџер кој требаше да донесе рамнотежа на неговата непредвидлива и често контроверзна природа.

Но, очигледно тоа не ѝ успеваше секогаш. Последниве две години Јакарино беше главното лице на платформата, фокусирајќи се пред сè на враќање на огласувачите кои масовно го напуштија "Twitter" по преземањето од Маск. Таа исто така се залагаше за законски регулативи за заштита на децата на интернет и честопати беше мета на критики поради одредени потези на Маск поврзани со "X".

„Ти благодарам за придонесот“, кратко напиша Маск на "X".

Сега Маск ќе мора да пронајде нов извршен директор во многу чувствителен момент – особено поради проблемите со четботот „Грок“, вграден во платформата "X", кој беше остро осуден поради серија „непримерни коментари и објави“ во кои го величи Хитлер.