[ВИДЕО] Украинците со помош на робот евакуирале жена (77) од воена зона: Сега проговорила

Точка

29/04/2026

18:44

473

Големина на фонт

а а а

Приказната за 77-годишна баба која украинските војници ја извлекле од фронтовските линии со помош на копнен дрон го обиколи светот, а сега пристигна и продолжението.

Старицата која операторите на 60-та Одделна механизирана бригада ја спасиле од „дожд“ од гранати го дала своето прво интервју во кое ги опишала надреалните моменти на бегство од разурнатиот Лиман.

Потсетуваме, војниците на единицата Керберус ја забележале старицата која исцрпено чекорела по улицата преполна со кратери. Со оглед на тоа што подрачјето било под постојан оган, одлучиле да испратат роботско возило на кое ставиле ќебе со порака: „Бабо, влегувај“.

„Само се држев, не ми беше грижа како“

Во интервјуто старицата признала дека на почетокот не ѝ било јасно што се случувало, но сфатила дека тоа ѝ била единствената шанса за преживување. Патот до безбедноста бил сè само не лесен.

„Постојано потскокнуваше. Си мислев: „Нека потскокнува и онака се возам“. Не беше важно како, само се возев“, го опишала возењето на импровизирано роботско носило преку разурнатата област.

Нејзиниот дом во кој поминала цели 53 години, Русите целосно го срамниле со земја. Останала без ништо среде борбена зона, а нејзините единствени сојузници во тој момент биле нејзините стапови за одење и непознатата машина која одненадеж се појавила пред неа.

Молитви и крвави стапови

Најтешкиот дел од патот бил психолошкиот – фактот дека се наоѓала на машина што некој ја контролирал од растојание од неколку километри, додека таа била сосема сама на чистината.

„Не можев да го видам возачот, ниту кој било друг“, истакнала таа и додала: „Ги кажав сите молитви што ги знам. Толку многу плачев, ја повторив секоја една молитва“.

„Моите стапови за одење беа прекриени со крв“, нагласила старицата.

И покрај сè таа е уверена дека нејзиното спасување е чудо. „Со Божја милост преживеав. Тоа значи дека Бог постои на овој свет“, заклучила таа.

Откако роботот ја однел во побезбедно подрачје, војниците од Првиот механизиран баталјон ја презеле и со оклопно возило ја превезле во домот за нега „Ангели“. Бабата моментално закрепнува на безбедно, далеку од кратерите и гранатите што го уништиле нејзиниот дом.