Бизарна изложба во Берлин: Робо-кучиња со глави на познати личности

Точка

29/04/2026

15:29

238

Големина на фонт

а а а

Роботски кучиња со хиперреалистични силиконски глави обликувани според познати личности – вклучувајќи ги Илон Маск, Марк Закерберг, Џеф Безос, Енди Ворхол и Пабло Пикасо – можат да се видат како се движат низ музејот во Берлин, повремено „исфрлајќи“ отпечатени слики од своето опкружување кои претходно ги снимиле со интегрираните камери.

Овие инсталации се дел од интерактивниот проект на американскиот уметник Бипл, кој моментално е изложен во „Neue Nationalgalerie“.

Секоја отпечатена слика прикажува исечок од реалноста трансформиран со помош на вештачка интелигенција (AI) така што ја одразува „личноста“ на кучето, односно погледот на светот на личноста чија глава ја носи – на пример, куче со ликот на Пабло Пикасо создава слики во кубистички стил, додека „Ворхол“ кучето произведува дела во поп-арт естетика.

Организаторите наведуваат дека инсталацијата претставува коментар за тоа како нашите перцепции се обликувани од алгоритмите и технолошките платформи.

„Некогаш нашиот поглед на светот беше обликуван од начинот на кој уметниците ја гледаа реалноста – изјави Бипл. „Начинот на кој Пикасо сликаше го промени нашиот поглед на светот, како и начинот на кој Ворхол ја интерпретираше потрошувачката култура.“

Денес, додава уметникот, пренесува „AP“, перцепцијата сè повеќе ја обликуваат технолошките милијардери кои управуваат со моќни алгоритми и одлучуваат што ќе видиме, а што не.

„Тоа е огромна количина на моќ која сè уште не сме ја разбрале целосно – бидејќи кога сакаат нешто да променат, не мора да лобираат во „UN“ ниту да минуваат низ Конгресот или „ЕУ“. Тие едноставно ги менуваат алгоритмите – истакна тој.

Кучињата во инсталацијата носат и глави што го прикажуваат самиот Бипл.

AI како феномен

Кураторката на изложбата, Лиса Боти, нагласи дека вештачката интелигенција е еден од феномените што најмногу влијаат врз современиот живот и дека музеите се места каде што општеството може да ги преиспита таквите промени.

Делото со наслов „Regular Animals“ првпат беше претставено на „Art Basel Miami Beach“ 2025.

Бипл, графички дизајнер од Јужна Каролина, е познат по „everyday“ движењето во 3D графиката – со години секојдневно објавува ново дело без прекин.

Според „Christie’s“, тој е трет најскап жив уметник на аукции, по Дејвид Хокни и Џеф Кунс.

Во пролетта 2021 година, аукциската куќа продаде негов дигитален колаж „Everydays: The First 5000 Days“ за повеќе од 69 милиони долари. Делото беше опишано како критика на модерното општество, власта и социјалните мрежи преку дистописки и често гротескни прикази.

Продажбата беше значајна бидејќи тоа беше првпат голема аукциска куќа да понуди исклучиво дигитално уметничко дело со „NFT“ како потврда за автентичност, како и првпат криптовалута да се користи за купување уметничко дело.

„NFT“-ите (незаменливи токени) претставуваат дигитални сертификати за автентичност кои се евидентираат на „blockchain“, а во последните години станаа популарни во светот на дигиталното колекционерство.

На настанот „Art Basel“ 2025, Бипл дури делел „дела“ што ги произвеле неговите роботи на публиката, заедно со сертификат кој ги опишува како „100 проценти органски, кучешки измет без „GMO““. Некои од тие отпечатоци содржеле QR кодови кои овозможувале пристап до бесплатни „NFT“-и, со што уметникот практично ја подарувал својата дигитална уметност, оставајќи можност примачите подоцна да ја монетизираат.