Децата од оваа земја се најсреќни на светот: Се радуваат и уживаат во она што родителите во другите земји од страв го забрануваат

Точка

01/07/2025

19:02

489

Големина на фонт

а а а

Една тинејџерка од Јужна Каролина за „CNN“ се присети на летните денови кога со другарка ѝ со часови седеле на напуштено пристаниште, пиеле ладни пијалаци и шетале низ маалото сè додека не се запалат уличните светла. Била една од ретките чии родители ѝ дозволувале слободно да се движи, самата да оди до продавница, кај другарки или на прошетка.

Години подоцна, кога престојувала во Холандија, се изненадила кога видела колку таквата слобода таму е всушност сосема нормална. Децата сами одат со велосипед до училиште, излегуваат во ресторани, шетаат низ градот или едноставно остануваат дома ако им се откаже час. Тогаш ѝ станало јасно – можеби токму таа слобода е она што ги прави холандските деца најсреќни на светот.


„UNICEF“ во својот извештај за 2025 година ја рангираше Холандија како земја со најзадоволни деца. Иако во анализите се спомнуваат квалитетна здравствена заштита, висока доверба во општеството и помал академски притисок, родителите во Холандија истакнуваат едно – независноста што ѝ ја даваат на своите деца.

Во Холандија

1. Децата уште од мали нозе добиваат велосипед и самостојно го користат за секојдневни активности.

2. Училишни автобуси речиси и да нема – многу ученици секојдневно минуваат по десет километри со велосипед.

3. Кога ќе се откаже час, децата сами се снаоѓаат – нема замена со друг наставник.

4. Дружењето, играта и одењето до продавница се одвиваат без надзор од родители.


На децата во други земји поретко им се дозволува вакво ниво на слобода. На пример, во САД, само една третина од децата на возраст од 9 до 11 години смеат сами да одат кај другар. Половина смеат да отидат во друг дел од продавницата додека родителот е во близина. А само 15% смеат да прослават Ноќ на вештерките без придружба од возрасен.

Иако и родителите од други земји често велат дека ја ценат независноста, во пракса преовладува страв – пред сè за безбедноста и менталното здравје на децата. Повеќе од 40% од нив се опишуваат себеси како „презаштитнички“, а речиси половина изразуваат сериозна загриженост дека нивните деца би можеле да развијат анксиозност или депресија.


Парадоксално, токму недостатокот на слобода може да има спротивен ефект. Истражување од 2023 година покажува дека порастот на ментални проблеми кај децата се поврзува со намалениот простор за самостојно движење, игра и донесување одлуки. Стручњаците истакнуваат дека токму преку ваквите активности се развива внатрешното чувство на контрола – способноста на детето да верува во себе и да знае дека може да се снајде во светот.


Во Холандија, децата уште од најрана возраст учат како да решаваат проблеми, да го планираат своето време и да го истражуваат светот околу себе – но без постојан надзор.

И затоа, можеби не се работи ниту за систем, ниту за големи правила. Можеби клучот лежи во малите нешта – да се дозволи на детето само да отиде по сладолед, да го повика другарчето без надзор или самостојно да вози велосипед до паркот.