Летниот туризам полека се сели на север: Ќе стане ли Шведска новата Италија?

Точка

30/06/2025

20:18

1.274

Големина на фонт

а а а

Сè поинтензивните топлотни бранови, екстремните суши и големите пожари, накратко – попеколните лета во Медитеранот, се придружени со нови туристички трендови. Имено туристите сè повеќе ги избегнуваат најжешките месеци за своите годишни одмори.

Тоа сè уште не е толку распространето, но се движи во таа насока. Феноменот се нарекува „coolcation“ и неговото име е комбинација од зборовите кул (ладно) и vacation (одмор). Ладен одмор, или летен одмор на постудени места каде што климата е поподнослива.


Во средината на минатото лето, „Euronews“ пишуваше за растечкиот број туристи од централна и јужна Европа кои го заменуваат својот летен одмор на неподносливи температури далеку над 30, па дури и над 40 степени Целзиусови, со одмор на удобни 20 степени, далеку од пренатрупаните јужни дестинации.

„Coolcation“ и дали Шведска е новата Италија

Во текстот конкретно се споменува Умео, до неодамна само локално популарна туристичка дестинација во северна Шведска, мал град без сообраќајни метежи и со пријатна просечна температура од 17 степени во јули. Секако, Умео сè уште не е толку популарен како местата на грчкиот, шпанскиот, италијанскиот и хрватскиот брег, но бележи постојан пораст на бројот на туристички резервации во текот на летото.


Но и на почетокот на минатата година, „Берлинер Моргенпост“ во статија за „coolcation“ го постави прашањето: Дали Шведска ќе биде новата Италија?

Тогаш за „Берлинер Моргнепост“ од германската платформа за наем на куќи за одмор „Фево-директ“ изјавија дека очекуваат наскоро да бидат барани шведските покраини Сконе, Кронберг и Калмар, како и италијанската Лаго ди Гарда или шпанската Мајорка.

Зона на удобност на 28 степени

Во истата статија, проф. д-р Харалд Цајс од Институтот за одржлив туризам (INT) во Хановер рече дека не треба да очекуваме трендовите во туризмот да се променат преку ноќ, туку дека „промените во размислувањето на туристите веќе се во тек“ и дека тие се „водени од секоја негативна вест“ од јужна Европа за екстремна топлина, пожари и метеж.


„Оваа промена во размислувањето е под влијание на еколошките проблеми и личните преференции за удобност“, рече Цајс, кој ја дефинира посакуваната зона на удобност на туристите како „до максимум 28 степени“.

„Во Доломитите сега заработуваат повеќе во лето“

На прашањето дали поради климатските околности сведочиме на постепено поместување на фокусот (и пазарот) на туризмот кон север, кон земји со поумерена клима одговорот го даде економскиот аналитичар Дамир Новотни. Тој одговори потврдно и рече дека летната туристичка побарувачката за Алпите, особено италијанските Алпи, станала многу интензивна, пренесе N1.


„Денес, во Доломитите во северна Италија, заработуваат повеќе пари од летниот туризам отколку од зимскиот туризам. Ако сега одлучите да одите таму, тешко дека ќе најдете слободно место. Факт е и дека Австрија веќе неколку години нема снег во своите скијачки центри, но успеа да ја надмине кризата со зимскиот туризам и да ја продолжи туристичката сезона на речиси цела година“, истакна тој.

„Јадранот ја губи својата привлечност“

Во минатото, додаде Новотни, Хрватска во јуни обично ја посетувале постари туристи, претежно од Германија и Австрија, на кои им пречеле високите температури и силното сонце.

„Но, и хрватскиот брег, веќе 10 години, а можеби и повеќе, во јуни доживува екстремно високи температури, па тој тип туристи, кои некогаш доаѓаа во тоа време, едноставно не сакаат повеќе да доаѓаат. Тие не сакаат да бидат заклучени во соби и да седат под клима уреди. Тој тип туристи во лето се селат во Алпите и другите северни области“, додаде тој.


Тој, исто така, истакна дека Германците сè повеќе избираат да го поминат одморот во сопствената земја, на локалните езера или на Балтичкото Море.

„Тоа е тренд. Нивното море не е ни приближно убаво како Јадранското, но бројот на туристи таму се зголемува од година во година. Тоа море не е баш пријатно за пливање, но во лето ноќите се пријатни, имаат голем број сончеви денови, а цените се многу прифатливи. И Шведска и Норвешка привлекуваат сè повеќе туристи во лето. Под притисок на зголемувањето на летните температури, Јадранското Море ја губи привлечноста што некогаш ја имаше“ заклучи Новотни.