Светската здравствена организација (СЗО) објави дека осаменоста, заедно со социјалната изолација, претставува сериозен глобален здравствен проблем кој годишно предизвикува околу 871.000 смртни случаи ширум светот.
Осаменоста го зголемува ризикот од бројни заболувања, вклучувајќи мозочен и срцев удар, дијабетес, депресија, анксиозност, а во крајни случаи може да доведе и до самоубиство. Исто така, СЗО истакнува дека осамените тинејџери имаат 22% поголема веројатност да имаат послаб училишен успех во споредба со своите врсници кои не се чувствуваат осамено.
Возрасните кои се чувствуваат осамено често се соочуваат со потешкотии при наоѓање или задржување на работа.
Вивек Марти, ко-претседавач на комисијата на СЗО, ја опишува осаменоста како „болно и субјективно чувство што се јавува кога нашите односи со другите се послаби отколку што ни се потребни“. Од друга страна, социјалната изолација е објективна состојба на недоволен број социјални контакти и интеракции.
Се проценува дека секоја трета постара личност и секој четврти адолесцент е социјално изолиран. Причините за оваа појава се бројни – од здравствени проблеми, слабо образование, ниски приходи и живеење во самотија, до недостиг од можности за дружење и сè поголема зависност од дигитални технологии.
Марти нагласува дека луѓето илјадници години комуницирале не само со зборови, туку и преку говор на телото, изрази на лицето и тон на гласот – форми на комуникација кои се губат кога се потпираме исклучиво на мобилни телефони и социјални мрежи.