Трката за Големата награда на Австрија беше предодредена како патека на која треба да доминира Мекларен, а по саботното разочарување за домашната екипа Ред Бул, денеска следеше уште поголем шок во првиот круг.
Макс Ферстапен оствари седмо најдобро време во квалификациите и веќе на самиот старт напредуваше една позиција, но кога се чинеше дека се позиционира за нов напад, доби удар од невнимателниот Антонели и ја заврши трката уште во вториот свиок.
Светскиот шампион беше удрен во страничниот дел и не можеше да ја продолжи трката, а истото важеше и за младиот возач на Мерцедес кој изреагира навистина почетнички.
За да се расчисти хаосот, мораше да биде активирано безбедносно возило и следеше мирна фаза на трката, по која дефинитивно ги видовме и најголемите возбудувања во битката за првото место.
Во првите 20 кругови, Оскар Пјастри сериозно му се закани на Ландо Норис и успеа да се пробие на првото место, но Британецот одговори и успеа да се врати на лидерската позиција пред да замине да менува гуми во боксот.
Antonelli 💥 Verstappen: Here's the incident 🎥#F1 #AustrianGP pic.twitter.com/hWuRLjZoxP
— Formula 1 (@F1) June 29, 2025
Стратегијата да влезе прв во бокс се покажа како пресудна во обидот да се дистанцира од тимскиот колега, бидејќи во продолжение имаше предност од 5 или 6 секунди, кој само во финишот се намали до секунда и половина.
Без многу мака, Ландо на крајот го одбрани првото место и забележа победа во Австрија, додека со второто место на Пјастри само се покажа дека Мекларен е недопирлив за конкуренцијата во овој момент.
Далеку зад нив беше третопласираниот Шарл Леклер, четврти заврши Луис Хамилтон, а меѓу првите десет се најдоа и Расел, Лосон, Алонсо, Бортолето, Хулкенберг и Окон.
По ваквиот развој на трката во Австрија, Пјастри останува првопласиран во генералниот пласман со 216 поени, 15 повеќе од второпласираниот Норис. По денешниот шок во првиот круг, Макс Ферстапен има 155 поени, 61 помалку од Пјастри.