[ФОТО] Заборавениот балкански остров станува одморалиште на Иванка Трамп: Луксуз во Европа за најбогатите, и покрај сериозната закана

Точка

26/06/2025

22:02

2.831

Големина на фонт

а а а

Место кое речиси и да не е допрено од човечка рака, ќе се претвори во рај за најбогатите. Сепак, оваа инвестиција нема да биде нималку едноставна. Островот Сазан, сместен покрај брегот на Албанија, до неодамна беше речиси заборавена точка на мапата на Европа.

Денес, благодарение на инвестиција вредна повеќе од милијарда долари, има шанса да стане едно од најексклузивните летувалишта на Медитеранот. Иванка Трамп и нејзиниот сопруг планираат да го претворат најголемиот албански остров во луксузен туристички комплекс.


Реконструкција на островот Сазан

На прв поглед, Сазан изгледа како идеално место за летен одмор. Меѓутоа, во реалноста крие многу тајни. Во текот на 70-тите години, островот беше клучна точка на албанската воена одбрана. На него се наоѓале база за подморници, хемиско оружје, како и мрежа на подземни бункери и тунели проектирани да издржат нуклеарен напад.


Тогаш на островот живееле околу 150 воени семејства, а инфраструктурата вклучувала и театар, училиште и болница. Денес од тој период останати се напуштени бункери и знаци за предупредување од мини и неексплодирани средства, кои сè уште претставуваат сериозна закана.


И покрај комплексната историја, островот го привлече вниманието на ќерката на американскиот претседател. Благодарение на новиот проект на Иванка Трамп и Џеред Кушнер, островот има шанса за целосно нов живот. Во јули 2024 година, Иванка во разговор со Лекс Фридман најави дека на островот ќе биде изградено „невообичаено одморалиште“.


„Работам со мојот сопруг, го поседуваме тој остров од 1.400 хектари на Медитеранот и ангажираме најдобри архитекти и најпознати брендови“, рекла тогаш Иванка, а Кушнер ја надополнил: „Сакаме да создадеме место каде што и ние самите би сакале да поминуваме време со семејството и пријателите“.


Контроверзии околу островот

Проектот што би ја опфатил целата површина на островот веќе предизвикува бројни контроверзии. Иако албанската влада кон крајот на 2024 година даде прелиминарна согласност за инвестицијата, многу прашања остануваат без одговор. Многумина се прашуваат дали луксузниот туризам може да коегзистира со единствениот екосистем на островот и дали местото ќе биде комерцијализирано на штета на природата.

Проектот за луксузно одморалиште на Сазан предизвикува сериозна загриженост кај екологистите. Островот се наоѓа во рамки на Националниот морски парк Карабурун-Сазан, што значи дека неговите плажи и води формално се заштитени.


Олси Ника, морски биолог и директор на организацијата „Еко Албанија“, во разговор за „Гардијан“ предупреди дека „изградбата на објекти, движењето на јахти и испуштањето на отпадни води би можеле да имаат катастрофално влијание врз локалниот екосистем“.