Откако здогледала прекрасен полжав, Бекли Ролс ни момент не размислувала пред да го погали и да го погледне поубаво.
Меѓутоа, немала поим дека во раката всушност го држи едно од најотровните суштества на светот кое може да предизвика парализа и да го усмрти пленот.
Оваа 29-годишна тиктокерка престојувала на Окинава во Јапонија кога во водата го здогледала она за кое мислела дека е школка со прекрасни шари.
Поради тоа што таа собира школки од своите патувања, не можела да одолее, а да не ја земе и да ја погледне одблизу, но како што вели „не ни помислувала колку може да биде опасна“.
Кога сфатила дека школката е жива, претпоставила дека станува збор за „безопасен полжав“ и го вратила во водата.
Дури кога се вратила дома ја пребарала фотографијата на интернет и открила дека тоа не била само обична школка. Била шокирана од сознанието дека всушност станувало збор за чунест полжав еден од најсмртоносните во светот.
Смртоносна убавина
Чунестите полжави од семејството Condae, се предаторски животни кои живеат во спирална куќичка. Можат да пораснат и до 28 сантиметри, но нивната вистинска опасност лежи во отровот којшто го произведуваат.
Пленот го фаќаат со помош на шупливиот заб налик на харпун со којшто го вбризгуваат отровот којшто може да предизвика парализа и смрт. Иако се хранат со црви и други полжави, луѓето можат да настрадаат доколку ненадејно ги држат во рацете.
Отровот е доволен да убие 700 луѓе
Според истражувањата на Националниот центар за биотехнички информации, отровот на еден ваков полжав има потенцијал да усмрти до 700 луѓе.Поголем дел од случаите на труење се случиле токму со каснување на дланките и прстите.
„Завршувам со собирањето школки“
На ТикТок девојката споделила видео од средбата со овој смртоносен полжав, за којшто вели дека може да предизвика целосна парализа за само неколку минути.
Видеото набрзо станало вирално, добивајќи над 27 милиони прегледи и речиси 900.000 допаѓања.
„Е, ова е денот кога престанувам да собирам школки на плажа“, „Ова би требало да се учи на училиште“, „Како биолог, научив дека треба на природата да ѝ се восхитуваме од далеку“, биле само дел од коментарите.