Фабриката во која се произведуваше легендарната "Honda NSX", сега ќе биде дом на новото возило "Fastport eQuad".
"Honda" основаше нова компанија специјализирана за микромобилност под името "Fastport", и ги објави плановите да го претстави својот прв производ на саемот "Eurobike" подоцна овој месец.
Станува збор за возилото "eQuad", електричен четвороцикл наменет за достава на последната делница од испораката, специјално дизајниран за употреба во урбана средина.
Ова необично возило е далеку од спортската "Honda/Acura NSX", но неговата цел е да ги намали сообраќајните метежи во градовите и да одговори на зголемената побарувачка за побрзи и почести испораки.
Како дел од тој напор, "eQuad" е дизајниран да се движи по велосипедски патеки и ќе биде достапен во различни конфигурации за да ги задоволи потребите на различни корисници.
"Honda" најавува мали и големи "eQuad" модели, како и мали и големи товарни прегради, што ќе овозможи широка употреба – од достава на пакети и намирници, до мали пратки.
Малиот модел е долг 3.400 mm, широк 1.000 mm и висок 2.100 mm, додека големиот "eQuad" е со димензии 3.658/1.219/2.134 mm.
Товарниот капацитет се движи од 2.720 до 4.190 литри, со носивост од 145 кг за малиот и 295 кг за големиот модел.
Кога станува збор за дизајнот, "eQuad" е буквално кутија на тркала. Во „кабината“ се наоѓа велосипедско седиште, управувачки рачки и голем екран кој функционира како дигитална инструмент табла и инфотејнмент систем.
Возилото е опремено со светла, ретровизори, покривка со UV-заштита и вентилатор за поголема удобност на возачот.
"Honda" сè уште не ги објавила сите технички спецификации, но потврди дека максималната брзина на "eQuad" ќе биде 20 km/h. Малиот модел ќе има дострел до 37 километри, иако тоа зависи од оптоварувањето.
Возилото користи заменливи батерии за складирање на електрична енергија, има систем за регенеративно сопирање и автоматска паркирна сопирачка.
Производството на "eQuad" ќе се одвива во фабриката "Honda Performance Manufacturing Center" во Охајо, каде што до неодамна се произведуваше "NSX".
Првите испораки за Европа и Северна Америка се планирани за крајот на 2025 година, а масовното производство ќе започне во 2026 година.