Германскиот производител на луксузни автомобили "Audi" би можел да изгради фабрика во САД и да започне производство надвор од капацитетите на матичната компанија "Volkswagen", објави денеска неделникот "Der Spiegel".
Луксузниот бренд кој е дел од групацијата "Volkswagen" (VW) размислува за изградба на фабрика во јужниот дел на САД, што би била поскапа опција меѓу неколкуте сценарија што моментално се разгледуваат.
Според извори од компанијата, проектот би можел да чини дури четири милијарди евра, пишува "Der Spiegel". Портпаролка на "Audi" изјави дека компанијата сака да ја засили својата присутност во САД.
„Во моментот разгледуваме различни сценарија. Убедени сме дека ќе донесеме одлука со конкретни детали уште оваа година, во консултација со "Volkswagen" групацијата“, се наведува во соопштението испратено по е-пошта.
"Audi" засега нема сопствена фабрика во САД, но нејзината матична компанија "Volkswagen" има погон во Чатануга, во сојузната држава Тенеси, и гради уште еден капацитет во близина на Колумбија, во Јужна Каролина, јавува "Hina".
САД оваа пролет воведе царини на увозот на автомобили и автомобилски делови со цел да ја привлече производството и да отвори нови работни места. "BMW", "Mercedes-Benz" и "Volkswagen" во моментов преговараат со Вашингтон за условите за царинење, обидувајќи се преку вложувања и извоз да добијат поповолни услови, објави "Reuters", повикувајќи се на извори.
Според Хилдегард Милер, претставничка на лобистичката организација "VDA", новите царини во април им нанеле трошоци од околу половина милијарда евра на германските производители на автомобили.
Јапонската "Toyota" реши да ги апсорбира трошоците од царините наместо да ги зголеми цените, што, според проценките, ја чинело 180 милијарди јени само во април и мај. Од друга страна, "Honda" пресметала дека царините во САД и други земји ќе ја намалат нивната годишна добивка за 650 милијарди јени.