Утринското отекување на лицето најчесто е безопасно и претставува естетски проблем. Може да биде предизвикано од лош сон, прекумерна употреба на сол или алкохол, дехидрација, алергии, но и ослабена функција на витални органи.
Сепак, во некои случаи, може да укаже и на посериозни здравствени состојби. Утринското отекување на лицето може да укаже на проблеми со срцето, бубрезите, тироидната жлезда…, пишува „Е-клиника“.
Лекарите издвојуваат пет опасни болести кои може да се манифестираат преку утринско отекување на лицето:
1. Проблеми со бубрезите
Бубрезите се задолжени за филтрирање на течности и отпадни материи од крвта. Кога не функционираат правилно, доаѓа до задржување течност во телото, што предизвикува отекување, вклучително и на лицето – најмногу околу очите, особено наутро.
2. Проблеми со срцето
Срцева слабост или други срцеви нарушувања може да доведат до насобирање течност во телото. Иако најчесто се јавува на долните екстремитети, може да се појави и отекување на лицето, особено по ноќен одмор во лежечка положба.
3. Проблеми со тироидната жлезда (хипотироидизам)
Намалена функција на тироидната жлезда може да го успори метаболизмот, што доведува до задржување течности и отекување на лицето, најчесто околу очите. Придружни симптоми се замор, зголемување на телесната тежина, сува кожа и чувствителност на студ.
4. Сериозни алергиски реакции (анафилаксија и ангиоедем)
Иако благи алергии често предизвикуваат отекување на лицето, тешките реакции како анафилаксија можат да предизвикаат нагло и опасно отекување на лицето, грлото и јазикот, со отежнато дишење. Ангиоедемот, пак, зафаќа подлабоки слоеви на кожата, вклучувајќи ги очите, усните, јазикот, рацете и нозете. Овие состојби бараат итна медицинска интервенција.
5. Кушингов синдром
Ова нарушување се јавува при прекумерна продукција на хормонот кортизол. Еден од најпрепознатливите симптоми е т.н. „месечево лице“ – заоблено и отечено лице. Дополнителни симптоми вклучуваат дебелеење (особено околу стомакот и горниот дел на грбот), тенка кожа, лесно создавање модринки и стрии.
Кога треба да се посети лекар? Ако утринското отекување на лицето трае подолго, ако е придружено со симптоми како што се замор, тешко дишење, промени во тежината, болка, осип или покачена температура – задолжително е да се направи лекарски преглед за да се постави точна дијагноза и да се започне соодветен третман.