Сè поголем е бројот на продавачи на улиците на туристичките места, кои нудат копии од познати брендови по многу ниски цени
Меѓутоа, примамливите понуди можат да бидат вистинска стапица. Во ова се уверила една туристка од Германија, кој платила висока цена кога купувала на пазарот во италијанското летувалиште Форте деи Марми – не само за лажна чанта, туку и за казна за такво купување.
Во Шпанија и Италија важат строги правила кога станува збор за трговија со фалсификувана стока, која масовно се нуди на улиците на популарните летувалишта. Не мета се не само продавачите, туку и туристите кои купуваат од нив. Дури и несвесното купување може да доведе до казна или конфискација на стоката.
Во текот на рутинска контрола, италијанските власти забележале дека производот, кој го купила германската туристка, значително отстапува од квалитетот на оригиналот. Откако било потврдено дека станува збор за фалсификат, нејзината чанта веднаш била конфискувана, а таа била казнета со 600 евра.
Купувањето фалсификувана стока на пазарите строго се санкционира. Кога станува збор за купувања за лични потреби, законот предвидува административни казни што се движат од 100 до дури 7.000 евра. Целта на законодавецот не е само да ги заштити правата на интелектуална сопственост, туку и борбата против нелегалната економија, која често е поврзана со организираниот криминал и експлоатацијата на нелегална работна сила.
Сепак, треба да се напомене дека купувачите на фалсификати не секогаш се третираат како криминалци.
Касациониот суд во Италија во 2016 година, донесе пресуда со која се наведува дека кривичното дело прикривање украдена стока не се однесува на купување фалсификат исклучиво за лична употреба. Клучот е да се направи разлика помеѓу луѓето кои купуваат стока за препродажба и оние кои го прават тоа за себе.
Меѓутоа, дури и во случај на купување за лични потреби, купувачот може да биде казнет за т. н. лекомисленост при купувањето, за што се заканува затворска казна до шест месеци. Во таков случај, не е потребно да се докаже дека купувачот бил целосно свесен за нелегалното потекло на стоката. Доволно е самите околности на купувањето да биле сомнителни, а купувачот да не преземал ништо за да ги отстрани тие сомнежи.