Ако сакаме да живееме долго и здраво, треба да почнеме од појадокот – но не оној на кој сме навикнати, се чини. Истражувачот за долговечност Ден Бутнер, кој ги проучувал најздравите луѓе во светот во т.н. „сини зони“, тврди дека првиот оброк во денот е клучен за долг живот. И тоа не било каков оброк.
„Во сините зони, појадокот е најобилен оброк во денот. Ручекот е полесен, а вечерата уште полесна – често се јаде рано и потоа повеќе ништо до утрото“, вели Бутнер.
Што се сини зони?
Сини зони се региони со највисок процент на стогодишници – како Окинава во Јапонија и Сардинија во Италија. Таму луѓето не јадат житарки со шеќер, овошни јогурти или кроасани за појадок. Нивните оброци изгледаат сосема поинаку.
Овесни снегулки? Можеби
„Голем дел од она што ни се продава како појадок – поп тартс, засладени житарици, овошни јогурти и гранола – не е вистинска храна за почеток на денот“, предупредува Бутнер. Наместо тоа, тој предлага да се угледаме на оние кои навистина знаат што значи да се живее долго: „Јадете вистински, хранлив појадок.“
Што значи тоа? Во неговиот случај – чорба.
„Мојот ден често започнува со минестроне супа полна со зеленчук и грав“, вели Бутнер. И додава предизвик до сите: „Пробајте една недела да појадувате минестроне или ориз со грав – и гледајте како ќе се чувствувате.“
Што јадат оние што живеат најдолго?
Ако сакате да пробате појадок во стилот на сините зони, Бутнер ги препорачува следните намирници:
• грав (богат со влакна и протеини)
• зеленчук
• ориз (по можност интегрален)
• овошје
• мисо супа
• овес (незасладен)
Клучот е во едноставноста, стабилната енергија и влакната кои ги хранат цревата и го поддржуваат мозокот. Наместо денот да го започнеме со рафиниран шеќер, да почнеме на начин кој му користи на целото тело.
Појадокот може да направи поголема разлика отколку што мислиме
Оние што живеат најдолго не појадуваат брзо и благо, туку хранливо и смирено. Здрав појадок не мора да изгледа како во реклама – всушност, подобро е да не изгледа така. Чорба за појадок можеби звучи необично, но може да биде првиот чекор кон долговечност.
Ќе го прифатите ли предизвикот? Една недела грав и зеленчук наместо тост и пекара – можеби вашето тело ве изненади.