Од 18 до 22 јуни, паркингот пред „Театар Комедија“ повторно ќе биде епицентар на добриот вкус, музиката и фестивалската атмосфера. По трет пат, Skopje Street Food Festival ги кани љубителите на уличната храна, музиката и урбаната култура на петдневно дружење кое и оваа година носи нова причина за возбудување: голем кулинарски натпревар!
Како и претходно, фестивалот ќе биде отворен од 17:00 часот од вторник до петок, а за време на викендот посетителите ќе можат да дојдат уште од 13:00 часот. Влезот е бесплатен, а посетителите се добредојдени сами, со друштво или со фамилијата – целта е сите да уживаат во вкусна храна, музика и дружење на отворено.
Првпат: натпревар помеѓу изложувачите
Оваа година, за првпат се организира натпревар помеѓу сите 13 изложувачи. Секој од нив ќе подготви ново јадење, специјално создадено за SSFF25. Новитетите ќе можат да се пробаат ексклузивно на фестивалот, а стручно и непристрасно жири ќе го одбере најдоброто.
Победникот на натпреварот ќе добие награда што вклучува платен штанд, сместување и превоз за учество на Belgrade Street Food Festival, кој ќе се одржи од 21 до 24 август на Калемегдан. Ова претставува почеток на убава регионална соработка и размена на вкусови помеѓу Скопје и Белград.
Тринаесет мајстори на уличната храна
Фестивалот ќе го збогатат тринаесет внимателно одбрани изложувачи кои зад себе имаат искуство, креативност и автентични рецепти. Оваа година, пред „Театар Комедија“ ќе можете да дегустирате специјалитети од:
Дрен, Loras’ sushi, Sorelle focaccia, МИС СТОН, Kitchen Corner, Sweet Corner, Трансилваниски трдло, 15 за 12, Mustacos, Jojo’s BBQ, Oljo’s, Fat Kitchen Bistro и Burgerslut.
Љубителите на интернационални вкусови, десерти, месо на скара, фокаќи, суши, трдло и креативни фаст-фуд решенија ќе имаат што да пробаат секој ден од фестивалот.
Богата музичка програма пет дена по ред
Покрај храната, фестивалот и оваа година нуди разновидна музичка програма, со настапи на бендови и диџеи што ќе создадат автентична летна атмосфера секоја вечер:
Среда: D.N.O. и DJ Flooder
Четврток: Conquering Lion и Bazel
Петок: South Park the Band и Macki091
Сабота: Миа Перевска (full band) и Andrej Vlaski
Недела: Trio Zigot musical massage и d0uble_g
Секој ден носи различна музичка енергија – од реге и фанк, преку алтернативен рок, до емотивни акустични настапи и електронска музика.
Повик за еколошка и урбана мобилност
Организаторите ги охрабруваат посетителите да дојдат со алтернативен или јавен превоз, со порака: „Помалку гужва, повеќе слобода!“ Пешачење, велосипеди, тротинети, автобуси, скејтборди и лонгборди се добредојдени начини за доаѓање до фестивалот.
За сите детали, објави и програма, следете го официјалниот Instagram профил: @skopjestreetfoodfestival