Шерил Томасгуд, денес 65-годишничка од Сомерсет, по повеќе од три децении проговори за турбулентната и како што рече многу погрешна одлука – ги напуштила сопругот и трите деца поради Масаи воин што го запознала на одмор во Кенија, пренесе Дејли Мејл.
Сè започнало во 1995 година во хотелот „Бамбури Бич“ во Момбаса, каде што тогаш 34-годишната Шерил, веќе во втор брак, го запознала десет години помладиот Даниел Лекименко, кој настапувал таму како дел од фолклорна група. Набргу потоа, таа го напуштила сопругот Мајк Мејсон и нивните деца и се вратила во Кенија за да започне нов живот со Даниел во регионот Самбуру.

Се венчале на Денот на вљубените
Шерил за кратко време стана глобална вест – жена од средната класа од британскиот остров Вајт која го заменила својот дом за колиба од кал, душек за козја кожа и ја сменила својата исхрана префрлајќи се на кравја крв и зелка.
На почетокот, сè изгледало како спиритуална врска – тие разговарале за Масаи културата, едноставниот живот и важноста на духовното над материјалното. Но, сè почнало да се менува откако се вратиле во Велика Британија во 1995 година, се венчале на Денот на вљубените и започнале заеднички живот во Њупорт со трите деца на Шерил.

Шерил сега признава дека Даниел брзо се променил: „Тој стана опседнат со пари, сакаше поголема куќа, дизајнерска облека и да испраќа пари во Кенија. Тој повеќе не беше духовниот воин што го запознав“, изјави таа. Двајцата сè почесто имале расправии, а незадоволството на Даниел од британскиот начин на живот и неговите сè поголеми барања станувале сè потешки за Шерил да ги толерира.
Тие се развеле во 1999 година, една година по раѓањето на нивната ќерка Мици. Шерил рече дека разводот бил неизбежен: „Чувствував дека ме искористил. Јас бев неговиот билет за излез од сиромаштијата“, истакна таа. Сега нема никаков контакт со Даниел, кој останал да живее на островот Вајт, каде што работи во супермаркет.
„Тој не можеше да ги разбере западните вредности“
Во трогателното интервју, Томасгуд ги откри и подлабоките причини зад нејзината тогашна одлука – тешко детство, сексуална злоупотреба, родители алкохоличари и брак без љубов. „Кога отидов во Кенија, бев скршена. Се надевав дека ќе најдам исцелување преку духовна врска, но тоа не беше излезот“, призна таа.

Нејзиното најголемо жалење е ефектот што сето тоа го имаше врз нејзините деца. „Даниел никогаш не можеше да ги разбере западните вредности и не можеше да им биде таткото што им беше потребен. Поради моите лоши избори, тие ги загубија и својот прв и втор татко“, додаде Шерил.

Денес, таа има добри односи со сите свои четири деца – најстариот син Стив има 43 години, Томи има 41 година, Клои има 34 години и Мици има 27 години, за која рече дека е „единственото добро нешто“ што произлезе од бракот со Даниел. Шерил сега живее мирен живот во крајбрежно место каде што никој не знае за нејзиното необично минато. „Никогаш повеќе не сакам да стапам во брак. Имав три – и секој од нив беше катастрофа“, заклучи Британката.








