Пред 25 години, EXIT беше создаден како студентско движење за мир и слобода во Србија и на Балканот. Од својот почеток до денес, тој прерасна не само во еден од водечките фестивали во светот, туку и во глобален симбол на заедништво, толеранција и сила на младите луѓе.
Преку музика, креативност и активизам, поврзувавме генерации и народи, ги обновувавме раскинатите врски и изградивме мостови онаму каде што многумина ги уриваа. Донесовме најпрестижни европски фестивалски награди во Србија и во регионот, како и стотици милиони евра туристички прилив со промоцијата чија вредност е категоризирана од светските експерти како непроценлива, велат организаторите на фестивалот.
„Сепак, од моментот кога минатата година јавно застанавме на страната на студентите и нивната борба за слободно и праведно општество во Србија, бевме изложени на огромни финансиски и други притисоци, со цел да ни се укине нашето право на слобода на мислење и говор. Иако целосно ни беше ускратено јавното кофинансирање на сите нивоа на власта, без кое во ограничените економски рамки долгорочно не е можно да се реализира фестивал од големината и реномето на Exit, не прифаќаме да бидеме замолчени.
Сметаме дека слободата нема цена и токму затоа, годинашново јубилејно издание на фестивалот ќе биде последното што ќе се одржи во Србија во која се задушува слободата на говор. Иако знаеме дека сме добредојдени во многу делови од светот, на нашата публика ѝ должиме последно танцување на Петроварадинската тврдина, поради што целиот наш тим е поодлучен од кога било досега годинашново издание да го направи најемотивното и најнезаборавното до сега.
Тој ќе се одржи од 10 до 13 јули во Нови Сад, кога заедно со студентите ќе одбележиме 25 години заедништво. EXIT не е само фестивал, EXIT сме сите ние кои веруваме дека можеме подобро. И како што пред четврт век заедно ја запаливме искрата на промената, денес уште еднаш го браниме правото да живееме слободно.
Ако ова е последниот EXIT на Тврдината, нека биде незаборавен. Нека биде нашиот најсилен досега. Фестивал кој ќе се памети не по крајот, туку по единството. По љубовта. По слободата!“, пишува на официјалниот профил на Инстаграм.