Холивудскиот заводник Рајан Гослинг ги изненади обожавателите со својот изглед откако беше објавен трејлерот за неговиот нов филм „Project Hail Mary“.
44-годишниот актер, кого често го нарекуваат еден од најзгодните мажи во светот, се појави во трејлерот за научно-фантастичниот филм носејќи долга перика и разбушавена брада.
Многу обожаватели коментираа дека не можат да го препознаат, а единственото нешто што останало непроменето се неговите продорни сини очи. Иако ги изненади со сосема нов изглед, обожавателите истакнуваат дека едвај чекаат да го гледаат филмот.
„Веќе му давам совршена петка“, „Не се сеќавам кога последен пат бев толку возбудена за некој филм“, „Се надевам дека филмот ќе трае осум часа“, „Рајан Гослинг во вселената е сосема доволно“, се само дел од коментарите под трејлерот.
За што се работи?
Филмот е адаптација на истоимениот бестселер на Енди Вир, а дејството го следи Рајланд Грејс (Гослинг), учител кој се буди од кома на вселенски брод, без сеќавање на своето минато и без поим како стигнал таму.
Додека полека се потсетува на својата мисија, сфаќа дека тој е единствената надеж да ја спаси Земјата од катастрофално сценарио. За време на неговата вселенска авантура, тој среќава мистериозен вонземјанин кој исто така сака да го спаси својот вид, што му дава на филмот дополнителна димензија на емоционална и меѓугалактичка соработка.
Покрај Рајан Гослинг, во филмот глумат и Сандра Хилер, Кен Леунг и Милана Вајнтрауб. Премиерата на филмот е закажана за март 2026 година.