Кампери во националниот парк Лос Падрес во Калифорнија пронајдоа младо црно мече во април годинава. Зоолозите од Државниот оддел за риби и диви животни неколку дена се обидувале да ја пронајдат неговата мајка, но без успех. Затоа, мечето било префрлено во Друштвото за заштита на животни во Сан Диего, пишува Си-ен-ен.
Таму, за да се минимизира човечкото влијание и да не се навикне на луѓе, вработените се грижат за мечето облечени во специјални костими – со ракавици, крзнени палта и маски што го имитираат изгледот на мечка.
Младото мече, кое тогаш било старо неполни два месеца, е најмладото црно мече за кое оваа организација се грижела досега. Според Оутум Велч, менаџерка на операциите со диви животни и една од лицата кои се грижат за него, во таа возраст мечето сè уште би требало да е во јазбина со мајка си и не би можело да преживее само во дивината. Затоа ќе остане во засолништето околу една година, сè додека не биде подготвено за враќање во природата.
Костимите што ги носат вработените помагаат мечето да не ги препознае како луѓе, туку како други мечки. Дека стратегијата функционира, покажа еден тест, кога вработените влегле во неговото оградено живеалиште без костими, мечето се уплашило и се искачило на дрво.
Крзнените палта што ги носат се вистински, донирани од поддржувачи, а за да бидат уште поверодостојни, ги чуваат во затворени контејнери со сено кое има мирис од црните мечки од локалниот резерват. Тој мирис го пренесуваат на палтата, со што мечето уште повеќе ги доживува како свои.
„Не сме сигурни дали не гледа како замена за мајка. Имам чувство дека не доживува како пријатели за игра, како браќа и сестри. Кога сака да игра, го насочуваме кон неговите плишани играчки“, вели Велч.
Омилени му се големите плишани мечиња, под кои често спие и се гали, а едно од нив, според Велч, веројатно го доживува како мајка.
„Тоа големо плишано мече му дава утеха. Кога нè нема, тој бара засолниште до него, се одмора, дреме и се гали“, вели Велч.
Во неговиот простор има и друго донирано крзно, сено со мирис на мечки, дрвја за искачување и многу скривалишта кои треба да имитираат природна јазбина.
Покрај емоционалната грижа, вработените го учат мечето и на вештини што инаку би ги научило од мајка си – како да се искачува, да наоѓа инсекти за јадење и да си прави гнездо.
„Се радував кога првпат пронајде и изеде буба. Копаше, ја најде и веднаш ја изеде – беше прекрасно да се гледа“, се присети Велч.
Истата метода со носење маски ја користат и при грижа за други млади диви животни, како ракуни и којоти, за да се спречи нивното навикнување на луѓе.
„Сето ова го правиме од љубов. Среќни сме што можеме да им помогнеме на овие животни и да ги вратиме во нивното природно живеалиште. Нашата најголема награда е да ги гледаме како напредуваат во дивината“, вели Велч.