29-годишна директорка изненади со работните правила: „Не барам CV, барам само две работи“

Точка

11/06/2025

22:24

18.179

Големина на фонт

а а а

Миленијалците и припадниците на генерацијата "Z" денес сочинуваат повеќе од половина од светската работна сила и со својот пристап ја менуваат корпоративната култура каква што ја знаевме досега. Меѓу најголемите промени се флексибилното работно време, опуштениот дрес-код и полибералните правила за годишни одмори. Вакви вредности применува и 29-годишната Лиат Ахарон, основачка и извршна директорка на маркетинг-агенцијата "Socialista Queen" во Лос Анџелес.

Контроверзни правила?

Ахарон неодамна објави видео на "Instagram" во кое ги опишува работните правила во својата канцеларија — кои според нејзините врсници се „контроверзни“ во однос на традиционалното работно опкружување.

Вработените можат да го започнат работниот ден кога сакаат — било во 6 наутро или 10 — се додека одработат осум часа. Работат хибридно, со присуство во канцеларија секој понеделник, вторник и четврток, освен кога се на терен за снимања.

Дополнително, добиваат околу 10 дена платен годишен одмор, кој се акумулира преку годината, а охрабрени се и да земат дополнителни неплатени денови за подолги патувања, под услов да ги најават однапред.


Забавата е приоритет

„Сакам да уживам во животот“, изјавила Ахарон за "CNBC Make It". „Мислам дека забавата на работа секогаш треба да биде приоритет.“

Инспирација за ваквите правила добила од своите рани работни искуства — како работа во ресторан и телефонска продажба — но и од искуствата на пријателите кои често ѝ велеле дека се „несреќни“ на своето работно место.

„Не ми е јасно зошто е тоа така, кога е толку лесно да создадеш забавно работно опкружување ако вработиш вистински луѓе“, вели таа.


Вработување без биографија

Кога вработува, Ахарон не бара диплома ниту биографија. „Кога првпат вработував, напишав: ’Не ме интересира вашиот CV‘. Сакам само да знам дали знаете да монтирате видео и дали имате добар став“, вели таа.

Самата ги води интервјуата и поставува ситуациски прашања за тоа како би решиле проект за клиент, со цел да ја процени нивната способност за донесување одлуки и комуникација.

Сепак, не сè во "Socialista Queen" е во духот на генерацијата Z — Ахарон смета дека најдобар начин кандидат да се истакне е испраќање благодарница по интервјуто. „Ако некој ми се јави по три или четири дена, тоа ми кажува нешто, но ако го направи тоа во рок од еден час или истиот ден, си велам: ’ОК, оваа личност навистина го сака ова‘“, објаснува таа.


Флексибилност, но со граници

Некои нејзини колеги го нарекуваат нејзиниот стил премногу попустлив, но таа не се согласува. „Имам граници што никој во мојот тим никогаш не ги преминал“, истакнува Ахарон, додавајќи дека никој не ги злоупотребил правилата за одмори, ниту пак флексибилноста довела до пробивање рокови.

„Им реков дека овие се забавни правила, сè додека некој не ми покаже дека морам да ги променам. Мислам дека така треба да изгледа животот — им даваш шанса на луѓето, додека не се докаже спротивното.“

Флексибилните правила не предизвикале проблеми ниту со еден од десетината клиенти, меѓу кои има златарница, компанија за преселби и ординација за ортодонција.

„Мислам дека канцеларијата треба да биде безбедно место каде што луѓето се чувствуваат добро, бидејќи никогаш не знаеш што ги чека дома“, заклучува Ахарон.