Сè поблиску до новата батерија: Се полни за 6 минути и може да го надживее автомобилот

Точка

27/05/2025

09:46

1.157

Големина на фонт

а а а

Новата натриум-јонска батерија е поевтина, поеколошка и се полни за помалку од шест минути.

Нова натриум-јонска батерија може да се наполни од 10 до 80 проценти за помалку од шест минути – што е исклучително брзо.

Натриум-јонската технологија долго време се смета за потенцијална алтернатива на денешните литиум-јонски батерии. Натриумот е многу подостапен, а не бара употреба на ретки метали, што ја прави оваа технологија поевтина и поприфатлива за животната средина, пренесува "Revijahak".

Досега, најголем предизвик биле ограничените перформанси и пократкиот дострел, но изгледа дека тоа се менува.


Веста за голем технолошки напредок доаѓа од Индија, од Центарот за напредни научни истражувања „Џавахарлал Нехру“, каде што научниците користеле материјали како наночестички, слоеви од јаглеродни влакна и алуминиум во анодата на батеријата.

Резултатот е батерија која комбинира брзо полнење, висока безбедност и долготрајност.

Според тврдењата, батеријата може да издржи над 3000 циклуси на полнење, што значи дека би можела да трае подолго од самиот автомобил.


Во моментов, технологијата е најпогодна за помали електрични автомобили и градска употреба, каде што големиот дострел не е од пресудно значење.

Сепак, батериите се сè уште потешки и зафаќаат повеќе простор од литиумските, што претставува предизвик за поголемите возила.

И покрај тоа, производителите на автомобили веќе покажуваат голем интерес, а во тек се и планови за примена на оваа технологија во подостапни модели на автомобили.