Барселона има повеќе од успешна сезона затоа што никој пред истата не веруваше дека оваа екипа, состав ќе може да ги испорача овие резултати, клубот да ги освои сите пехари во Шпанија и да дојде на чекор, милиметар од финалето на Лигата на шампионите.
Германскиот стратег Ханси Флик перфектно си ја заврши работата и токму поради тоа и доби нов договор, меѓутоа е повеќе од јасно дека допрва доаѓаа вистинските предизвици за Барса која сигурно сега ривалите ќе ја гледаат со други очи.
Колку и дали Барса ќе менува во летниот преоден рок останува дилема и знак прашање со оглед на финансиската состојба, ама нешто ќе мора да се освежи, додаде во тимот и според медиумите желба е да се донесе нов офанзивец, крилен напаѓач кој би дал простор за дополнителна ротација која е повеќе потребна затоа што Рафиња и Ламин Јамал скоро и да не пропуштија натпревар во оваа година.
Иако долго се споменуваше Нико Вилијамс од Атлетик Билбао, Барселона сега повеќе го посакува Луис Дијаз од Ливерпул кој дефинитивно би чинел повеќе пари. Наводно тој е желба на спортскиот директор Деко, односно Колумбиецот во моментов е приоритет пред Вилијамс со кого повеќе од младите играчи на каталонците се во одличен однос.
Наводно има повеќе причини, па така еден од факторите е неговата возраст – Дијаз има 28 години, а со веќе млад состав, тие би сакале да имаат поискусен играч во соблекувалната. На Ла Масија и се верува да им обезбеди млади таленти во подем.
Исто така сметаат дека неговите квалитети и познавање на играта ќе му овозможат брзо да се прилагоди во Барселона и потенцијално веднаш да стане одлучувачки напаѓач на највисоко ниво. Тие се заинтересирани за засилувања што ќе донесат дополнителна вредност во нивниот сегашен тим, нешто што им недостасува во моментов. Неговата разноврсност и способност да игра во предната линија се исто така важни, бидејќи Барселона првенствено се потпира на четири напаѓачи за да покријат три позиции оваа сезона.
Барса исто така се чини веќе ја има оставено приказната Вилијамс зад себе, драмата од минатото лето остави трага и шпанскиот првак кој е подготвен да тргне во друг правец.