[ВИДЕО] Еден гол и гранитна одбрана отворија „рајски порти“ за Тотенхем: Прва титула после 17 години!

Дерби

21/05/2025

23:22

933

Големина на фонт

а а а

Навивачите на Тотенхем многу брзо ќе ја заборават ужасната сезона во Премиер лигата, бидејќи тоа што навивачите од Северен Лондон го чекаа речиси две децении, оваа вечер го дочекаа во Билбао.

Тотенхем ја освои првата титула по пауза од цели 17 години и тоа го направи во големото финале во Лига Европа, добивајќи го англискиот дуел со Манчестер Јунајтед, тим над кој славеше и четврти пат оваа сезона.

Избраниците на Анге Постекоглу беа поостроумни и поконцентрирани во сите клучни ситуации на денешниот меч, па иако воглавно беа предодредени на одбрана, на крајот отворија „рајски“ порти благодарение на еден гол и гранитната дефанзива.

Тотенхем подобро го отвори финалето и прв имаше шанса преку Џонсон, но Јунајтед возврати со одлично движење на Диало кој биеше крај голот.

Крилниот напаѓач беше убедливо најдобар играч на Јунајтед оваа вечер, но ниту тој не можеше да пронајде дупка во одбраната на Тотенхем, тим кој реши да се брани со сите играчи во својата половина откако постигна гол пред крајот на првиот дел.

Џонсон со доза на многу среќа и помош од Лук Шо и Онана погоди за 1:0 во 42-та минута, а тоа беше последната опасна ситуација која ја видовме пред голот на Јунајтед до крајот на мечот.

„Ѓаволите“ со сите сили нападнаа во вториот дел и се погрижија за вистинска опсада пред голот на Викарио, но покрај Италијанецот, извонредни беа и сите дефанзивци на Тотенхем.

Ван де Вен ја вадеше топката од гол линијата по една лоша интервенција на Викарио и тоа беше најдобра шанса за Јунајтед, се до онаа на Лук Шо во 96-та минута. Италијанскиот голман беше добро поставен и навремено реагираше, па на тој начин пропадна поселедната шанса на Јунајтед за израмнување и продолжение.

Оваа победа носи прв трофеј за Тотенхем по онаа од 2008-ма освоена во Лига Купот, но е посебно драгоцена поради фактот што носи и многу финансии поради пласманот во Лигата на шампиони.