Австралиецот Анџ Постекоглу (59) се запиша на листата на фудбалски тренери кои во својата кариера го освоиле Купот на УЕФА / Лига Европа, откако неговиот Тотенхем во финалето го совлада Манчестер Јунајтед со 1:0. По натпреварот следеше славје, при што Постекоглу одржа инспиративен говор. Изјави дека подготовките ги базирал на создавање семејна атмосфера и на објаснување на играчите колку семејството е важно.
„Им одржав говор на играчите за семејството и колку тоа значи. Се гордеам со овие момци затоа што тие се најдобрата семејна средина во која можам да бидам. Сите вие помогнавте тие да станат шампиони. Тоа го заслужија затоа што се одлични луѓе, не само фудбалери. Никогаш не сум бил погорд што сум тренер на некој клуб. Сите придонесовте за ова постигнување. Им пуштив видео пред натпреварот и тоа ги инспирираше да победат“, рече Постекоглу во видеото кое можете да го погледнете ТУКА.
Освојувачи на Лига Европа: Мурињо, Симеоне, Емери …
Постекоглу, кој е роден во Грција, но се преселил во Австралија со своето семејство кога имал само пет години, стана 44-тиот тренер што победил во ова натпреварување. Само седум тренери го освоиле Купот на УЕФА или Лигата на Европа повеќе од еднаш.
Апсолутен рекордер е Шпанецот Унаи Емери со четири титули — три последователни со Севиља (2014, 2015, 2016), и една со Виљареал во 2021 година. Италијанецот Џовани Трапатони има три трофеи, со Јувентус (1977 и 1993) и Интер (1991).
По два трофеи имаат Шпанците Луис Молоуни (Реал Мадрид), Хуанде Рамос (Севиља) и Рафаел Бенитез (Валенсија, Челси), Португалецот Жозе Мурињо (Порто, Манчестер Јунајтед) и Аргентинецот Диего Симеоне (Атлетико Мадрид).