"BMW" објави најавни фотографии од автомобилот со кој ќе ја збогати претстојната манифестација "Villa d’Este".
Баварскиот бренд редовно учествува на овој престижен саем посветен на автомобилскиот дизајн, кој секоја година се одржува крај езерото Комо во Италија и ги собира најубавите и најексклузивни автомобили од целиот свет. "Villa d’Este" веќе беше домаќин на бројни премиери на "BMW", а изгледа дека и оваа година нема да биде исклучок.
"BMW" објави неколку тизер-фотографии кои сугерираат дека овогодишното изненадување ќе биде агресивно дизајниран "shooting brake" модел. Најмногу внимание привлече заматена фотографија објавена на "Instagram" профилот на главниот дизајнер Адриан ван Хојдонк. Иако нејасна, сликата открива повеќе од официјалните тизери – може да се забележи каросерија во стил на караван со две врати, големи тркала и тесни задни светла.
Двете нови фотографии на официјалниот "BMW" профил го прикажуваат задниот дел на автомобилот, со нагласени остри агли и тенка светлосна линија. "BMW" сè уште не открива за што точно станува збор, но може да се шпекулира. Според пропорциите и дизајнерските елементи, станува збор за нов модел.
Најверојатна претпоставка е дека станува збор за затворена верзија на "BMW Skytop". Острите задни линии и тесните светла совршено се совпаѓаат со претходниот концепт, како и нагласената ширина на возилото. Во тој случај, основата повторно би била "M8", со ист "V8" мотор со два турбополначи и погон на сите тркала.
Како што е познато, "Skytop" ќе се произведува во само 50 примероци. Доколку интересот за овој новитет биде доволно голем, не е исклучено "BMW" да одлучи да оди по истата патека и со овој мистериозен автомобил.
Одговорот нема да го чекаме долго – "Concorso d’Eleganza Villa d’Este" започнува во петок, на 23 мај.