[ВИДЕО] Напуштена "Panda" пронајдена во шума: Запали од прва по 17 години

Точка

16/05/2025

22:11

1.025

Големина на фонт

а а а

Не, ова не е документарец од „Опстанок“ – туку вистинска приказна за напуштена "Fiat Panda", оставена пред повеќе од 17 години.

Во срцето на една густа италијанска шума, опкружена со капини, мов и дивина, демнеше една "Panda"…

Овој примерок од првата генерација на моделот "Panda', дизајниран од легендарниот Џорџето Џуџаро, го пронајде јутјуберот од каналот „Flexiny“, специјализиран за реставрација и спасување на историски значајни возила. Тој го забележал автомобилот за време на една од своите експедиции во прилично оддалечен предел, а она што најмногу го изненадило не било само степенот на распаѓање, туку неверојатната „сраснатост“ на каросеријата со природната околина.

Тревата ги покрила прозорците на "Panda"-та, оставајќи видливи само кровот, дел од хаубата и малку стакло – како археолошки наод од дваесеттиот век на четири тркала. Поттикнат од страст (и доза романтика), јутјуберот решава да се впушти во наизглед невозможна мисија – спасување на "Panda"-та во нејзиното „природно живеалиште“.

По рачно отстранување на вегетацијата и извлекување на возилото на површината, беше повикана шлеп-служба за да го пренесе автомобилот до работилницата – и така започна еден од најсложените предизвици што некогаш се видени на овој "YouTube" канал.


Како што и се очекуваше, ентериерот беше во критична состојба, но седиштата, инструмент таблата, менувачот и оригиналниот волан беа сочувани. По замената на акумулаторот, малиот мотор на возилото – веројатно 0,9-литарски со 45 коњски сили – повторно проработе.

„Запали како да го чекал тој момент“, воодушевено изјави јутјуберот. Иако автомобилот бара целосна реставрација, овој потфат е јасен доказ за тоа колку едноставната и робустна механика на градските автомобили од 1980-тите години сè уште може да не воодушеви.