Поранешниот победник на Тур де Франс и петкратен олимписки шампион, Британецот Бредли Вигинс, откри дека станал зависник од кокаин во годините по повлекувањето од професионалниот велосипедизам.
Во интервју за „Observer“, 45-годишниот Вигинс зборуваше за размерите на својата зависност која започнала по неговото пензионирање во 2016 година, наведувајќи дека членовите на неговото семејство стравувале за неговиот живот.
„Имаше моменти кога мојот син мислеше дека ќе ме најде мртов наутро. Бев функционален зависник. Луѓето не го забележуваа тоа – бев под дејство речиси цело време, со години“, изјави Вигинс, пренесува "BBC".
Вигинс освои златни медали на Олимписките игри во Атина, Пекинг и Рио де Жанеиро, како и во во Лондон во 2012 година, само две недели откако стана првиот Британец што победил на Тур де Франс.
По повлекувањето, Вигинс отворено зборуваше за љубомората од страна на својот татко, но и за тоа дека бил злоупотребуван од тренер во детството. Во јуни 2024 година, тој прогласи банкрот.
Тој откри дека во процесот на рехабилитација му помогнал Ленс Армстронг, познатиот американски велосипедист кој ги загуби сите седум титули на Тур де Франс поради допинг. Според изјавите, Армстронг понудил и финансиска поддршка за лекувањето на Вигинс.
„Години наназад се грижеше за мене. Многу разговара со мојот син Бен, кој исто така е професионален велосипедист, за мене“, рече Вигинс.
Зборувајќи за зависноста, со која се справил пред една година, тој додаде:
“Сфатив дека имам огромен проблем. Морав да запрам. Среќен сум што сум сè уште тука. Веќе имав многу самопрезир, но само го засилував. Тоа беше облик на самоповредување и самосаботажа. Не бев личноста што сакав да бидам. Повредував многу луѓе околу себе.
Кај мене нема средина. Не можам да испијам само една чаша вино – ако ја испијам, веднаш земам втора. Мојата склоност кон зависности служеше како начин да ја ублажам болката со која живеев“, заклучи Вигинс.