„Човекот на кого треба да се обрне внимание е Агит Кабајел. Тој е опасен борец. Ми се допаѓа тоа што го прави. Стамен, смирен, фокусиран – удира, станува и победува“, изјави Џон Фјури.
Џон Фјури, татко на поранешниот "WBC" шампион Тајсон Фјури, верува дека знае кој ќе биде следниот владетел во тешката категорија кога актуелната генерација шампиони ќе се повлече во пензија.
Неговиот син на почетокот на годината, откако по вторпат загуби од Олександр Усик, објави крај на кариерата. Но, многумина сè уште се надеваат на негово враќање за уште една борба, пишува „Croring“.
Дури и ако се врати, „The Gypsy King“ сепак ѝ припаѓа на генерацијата шампиони што ја сочинуваат Олександр Усик, Ентони Џошуа и Дионтеј Вајлдер – борци кои веројатно наскоро ќе ја завршат кариерата.
Иднината на „кралската“ дивизија им припаѓа на помладите борци, меѓу кои водечка фигура е "IBF" шампионот, 27-годишниот Британец Даниел Дубоа. Тој на 19 јули на „Вембли“ ќе се бори против Усик за титулата апсолутен шампион.
Во игра е и 33-годишниот Новозеланѓанец Џозеф Паркер, особено поради формата што ја прикажа во последните неколку мечеви, победувајќи ги Дионтеј Вајлдер и Жилеј Жанг.
На листата е и 31-годишниот Конгоанец Мартин Баколе, и покрај тоа што во февруари претрпе тежок пораз токму од Паркер. Место под рефлекторите ќе бараат и Моис Итаума, Џеред Андерсон и други.
Но, Џон Фјури го посочи германскиот тешкаш Агит Кабајел како ѕвезда во подем во тешката категорија.
„Човекот на кого треба да се внимава е Агит Кабајел. Опасен борец, ми се допаѓа неговиот стил. Смирен е, концентриран, удира и победува“, вели Фјури и додава:
„Не се сомневам дека од новата генерација тешкаши токму Агит Кабајел е иднината на категоријата. Тој заслужува внимание. Луѓето како Џо Паркер и слични нему припаѓаат на старата школа. Тие ја имаа својата шанса – нивното време помина. Агит Кабајел веќе сега може да се бори со најдобрите.“
Непоразениот германски тешкаш Агит Кабајел има 26 победи (18 со нокаут) во својата кариера. Во седмата рунда го нокаутираше Френк Санчез, а во февруари со прекин во шестата рунда го победи Жилеј Жанг.